Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници смета дека образложението на пресудата на граѓанскиот суд во случајот Кочо Анѓушев и компанијата „Брако“ против Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ) и новинарката Сашка Цветковска е скандалозно, неприфатливо и незамисливо за едно демократско општество.
Со оваа пресуда која беше објавена вчера не се навлегува во суштината на тужбата за наводната клевета кон поранешниот вицепремиер Анѓушев во емисијата „Заговор против воздухот“ емитувана во 2021 година на МРТВ, туку се врши дискредитација на новинарите и на непрофитниот медиум ИРЛ сѐ со цел да се оправда пресудата на судијката Јованка Спировска Панева.
Притоа се поставува досега невиден и опасен преседан судот и државните институции да одредуваат што е медиум, кој е новинар и кој смее да се бави со новинарска дејност. ССНМ смета дека токму овие произволни и паушални толкувања на Законот за медиуми, како и на Законот за здруженија и фондации претставуваат пред сѐ залажување на јавноста од страна на судот со цел оправдување на оваа скандалозна и досега невидена одлука во македонското правосудство.
Главните спорни точки во пресудата се дека „ИРЛ нема својство на медиум“, дека „членовите на истото немаат својство на новинари“, дека не смеат да објавуваат новинарски обликувани емисии, ниту пак, да се претставуваат како новинари, ниту да се „бават со жанрот истражувачко новинарство“.
Ваквите квалификации во пресудата со заклучок дека ИРЛ воопшто не смеела да го објави истражувањето претставува тежок преседан и удар на слободата на изразување и слободата на медиумите и води кон потенцијална цензура.
Уште повеќе загрижува и повикот на судијката до државните институции да го преиспитуваат работењето на граѓанските организации кои објавуваат новинарски содржини, па дури и камуфлирано предлага нивно затворање, што е својствено за авторитарни и диктаторски режими кои се пресметуваат со оние кои откриваат важни теми од јавен интерес.
Потенцираме дека оваа пресуда се коси со уставните начела на слобода на изразување и слобода на медиумите, како и со праксата на Европскиот суд за човекови права. Исто така, воведува уште поголем хаос во одлучувањето на граѓанскиот суд бидејќи одамна е воспоставена пракса дека изданијата на невладините организации се сметаат за медиуми.
Нагласуваме дека државните институции, како и правосудните органи не смеат да навлегуваат во тоа кој е новинар или што е медиум, туку дека тоа е работа на новинарската фела за што постојат и правила за саморегулирање.
Ваквото опасно, паушално, ригидно и во негативна конотација креативно толкување пред сѐ на Законот за медиуми, како и на Законот за здруженија и фондации претставува опасност не само за оние кои се бават со новинарство, туку и на слободата на изразување која е загарантирана со македонскиот Устав, како и за сите слободни професии кои критичко го опсервираат општеството. На крајот, оштетени се граѓаните кои ќе бидат лишени од важни и критични информации во врска со работата на разни моќници чиишто дејствија се одразуваат на секојдневен живот на граѓаните.
На крајот, како обид за разобличување на ова образложение цитираме и членови од Законот за медиуми каде се дефинираат поимите „содржини на медиум“ и „новинар“ и укажуваме на бесмисленоста и нелогичноста на оваа судска пресуда, земајќи го предвид фактот дека емисијата „Заговор против воздухот“ е новинарски уредена содржина емитувана на јавниот радиодифузен сервис, кој се надеваме дека никој и никогаш нема да спори дека е медиум.
„Содржини на медиум (во натамошниот текст: содржини) се сите видови на информации (вести, мислења, известувања, извештаи и други информации), како и авторски дела кои се објавуваат, односно емитуваат преку медиум;“.
Закон за медиуми, член 2 став 2
„Новинар е лице кое врши активности на прибирање, анализа, обработка, обликување и/или класифицирање на информации кои се објавуваат во медиум и е вработен кај издавач на медиум или има склучен договор со истиот или е лице кое врши новинарска дејност како самостојно занимање (слободен новинар)“.
Закон за медиуми, член 2 став 4