Најавата за згаснување на весникот „Независен“ Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) ја смета за уште еден удар врз медиумските работници во земјава, но и врз целокупниот медиумски пазар на труд.
-ССНМ по потврдата од менаџментот дека весникот „Независен“ утре нема да излезе, со жалење констатира дека тоа значи останување без работа на повеќе од 20 новинари и медиумски работници, со што уште повеќе се продлабочува и онака лошата социјално-економска состојба на новинарите во Македонија, наведува во соопштение ССНМ.
Останувањето на новинари и медиумски работници без работа, како што подвлекува ССНМ, значи потрес за медиумскиот сектор во земјава каде се зголемува понудата на работна сила, а се намалува побарувачката што за новинарите значи помала сигурност и поголем притисок.
Според ССНМ, затворањето на „Независен“ покажува и колку е кревок овој сектор и условите во кои работат новинарите и медиумските работници, во секојдневен страв за своите работни места.
ССНМ укажува и на тенденциите кои велат дека професионалните редакции кои се држат до професионалните стандарди и етичкиот кодекс на новинарите се помалку можат да опстанат на пазарот и апелира за забрзување на медиумските реформи кои би опфатиле овозможување поддршка, субвенции за медиумите кои професионално и објективно известуваат.