Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) потсети дека попречувањето на новинарите и снимателите во обврските за информирање на јавноста е казниво според законот.
Оваа реакција од ССНМ доаѓа по вчерашниот прилог на телевизија „Алфа“ каде новинарската екипа беше избркана од летниковецот во Градски парк при снимање прилог на дете со дијабет. Новинарската и снимателот заедно со родителите на детето со дијабетес беа избркани од граѓани, кои наводно го резервирале летниковецот за да слават роденеден на својот син.
„Во Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници сме вознемирени и крајно разочарани од случувањата при снимање на прилог на Алфа кога граѓани се дрзнаа да присвојат јавен простор и да ја избркаат телевизиската екипа со образложение дека тоа ним некој им го дозволил. Потсетуваме дека попречувањето на новинарите и снимателите во обврските за информирање на јавноста е казниво според законот“, соопшти ССНМ.
Според Синдикатот попречувањето на новинарите во нивната работа е направено во процес на снимање на тема за подигање на свеста за многу сензитивно прашање за граѓаните и општеството, што дава нехумана тежина на чинот кој е за секоја осуда.
„Дрскоста и елементарното отсуство на емпатија кон колегите и кон гостите во прилогот на Анастасија Богдановска – Илиевска од страна на “славениците“, кои и да се, не смее да остане незабележано, па и несанкционирано особено што станува збор за јавен простор кој никако не може да биде даден во владеење, па нека е и времено, на група граѓани“, соопшти ССНМ.
Од Синдикатот велат дека ја осудуваат постапката на граѓани кон новинарите, затоа што освен попречувањето во работата, колку и да не е опасно во овој случај, станува збор за загрозување на безбедноста на новинарите и медиумските работници.
„Само да потсетиме и да предупредиме, попречувањето на новинарите во вршење на нивната работа е казниво според член 139 од Кривичниот закон, кој таквото дело го препознава како попречување на службено лице во вршење на неговата работа за што е предвидена казна од шест месеци до три години. Воедно ги охрабруваме нашите колеги да пријавуваат до надлежните вакви и слични инциденти, бидејќи колку и да изгледа безопасно, толку може да охрабри други уште поагресивно да се однесуваат кон новинарите и медиумските работници додека се тие на извршување работни задачи“, велат од ССНМ.