По повод Светскиот ден на слободата на медиумите 3 мај, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници уште еднаш укажува на неопходноста од итна промена на приоритетите и фокусирање на работните и професионални права на новинарите и медиумските работници како место од кое почнува, но и во кое може да заврши искривоколчувањето на професијата.
„Не случајно веќе неколку години по ред во извештаите за слободата на медиумите во Македонија, вклучително и последниот на Репортери без граници, констатираат дека тие се слабо платени и работат во несигурни услови. Впрочем податоците говорат сами за себе: платите во медиумите се под 300 евра, што е далеку под нивото на просечната плата во Македонија, но и под регионалниот просек“, велат од ССНМ.
Дополнително повеќе од половината или околу 54 проценти од медиумските работници и новинари, додаваат, не се вработени постојано, односно немаат договори на неопределено време. Според ССНМ ситуацијата е особено драматична во дигиталната сфера каде неминовно се сели доскоро традиционалното печатено новинарство.
„Колективните договори се мислена именка, за нив малку знаат и работниците и работодавачите, а станува збор за документ кој ги уредува сите витални прашања за функционирањето на медиумите. Условите во кои работат новинарите, но и медиумските работници, директно се рефлектираат на квалитетот на медиумската содржина. Новинарството е професија која се бори за уставното право на секој граѓанин да располага со факти на кои може да им верува, да добие потребни информации во извештаи кои се напишани со внимание и прецизност. Кредибилни медиуми кои инвестираат во идните генерации и кои му служат на јавниот интерес не се флоскула или некаков хир на новинарите, туку суштинска потреба на секоја земја која сака да се нарекува демократска. А тие не се можни доколку во нив работат економско уценети и исплашени луѓе“, велат од синдикатот.
Од таму посочуваат дека е крајно време прашањето за работните и професионални услови на новинарите и медиумските работници да го ставиме во центарот на дебатата за тоа какви медиуми сакаме во Македонија.
„Заканата од лажни вести пред која е иставено квалитетното новинарство во нашата земја која стана синоним за „лажни вести“ не може да биде победена со слабо платена, недоволно обучена работна сила која не е заштитена со колективен договор. Се додека нашите колеги се со ниски плати, се додека се соочуваат со растечки тренд на хонорарни или времени вработувања, со следење на ризични настани без какво и да е осигурување, со родова нееднаквост и кршење на авторските права тие нема да можат соодветно да одговорат на инвазијата од пропагандистички центри поради што довербата во професијата, но и демократскиот амбиент во земјава ќе продолжи по надолна линија“, подвлекуваат од синдикатот.