Како што се наведува во публикацијата, новинарите и медиумските работници најчесто добиваат закани на социјалните мрежи, а најчести извори на закани се сопствениците на медиуми и уредниците, публиката – читателите, гледачите, бизнис-заедницата, власта и политичарите, како и полицијата.
Главни причини на непријавување на заканите се недовербата во судството, полицијата и обвинителството, а дел од нив и поради чувството на страв и несигурност.
Новите дигитални платформи за јавно информирање, покрај позитивните аспекти, донесоа дополнителни притисоци врз новинарите и медиумските работници, како што се проширување на работното време и изложеност на онлајн-закани и напади.
Речиси една третина од испитаниците повремено добиваат барања за извршување работни задолженија надвор од работното време, а повеќе од една третина потврдиле дека работат над 40 часови неделно.
Во публикацијата исто така се наведува дека родово сензитивниот пристап не е целосно интегриран во работата на редакциите, во голем број медиуми нема внатрешни политики и процедури за вградување на родовата димензија и се потврдува потребата од дополнителни мерки, обуки и едукација на оваа тема.