Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) денеска на прес-конференција реагираа на одлуката на директорот на Телевизија Алфа да отпушти шестмина вработени, членови на Синдикатот, меѓу кои и еден од синдикалните претставници на ССНМ во овој медиум.
– Сакам да ве информирам, да укажам и да побарам поддршка во оваа прилика за шестемина наши колеги, членови на ССНМ, кои оваа недела добија откази во Телевизија Алфа и наместо редовни плати, додатоци и К-15 за новогодишните празници, добија неизвесност за нивната егзистенција, но и за нивните семејства, откако директорот на Алфа телевизија, Јани Бојаџи во знак на реваншизам им врачи откази, спротивни на Законот за работни односи, изјави претседателот на Синдикатот, Павле Беловски.
Во своето обраќање, тој нагласи дека директорот на телевизијата „свесно го крши Законот за работни односи“, отпуштајќи и еден од претставниците на ССНМ во Телевизија Алфа, кого Законот го штити од отказ, а ваквата одлука ја образложува дека е од деловни причини.
– Отказ на вработен поради учество во синдикални активности самото по себе е неправедно и токму поради тоа законот предвидува посилна заштита на синдикалните претставници, која Бојаџи не ја почитувал, изјави Беловски.
Тој посочи дека одлуката на Бојаџи се толкува како реваншизам и одмаздољубие, нагласувајќи дека врачувањето отказ на шесте вработени е со цел да предизвика страв и неизвесност кај останатите вработени и да се откажат од загарантираните права.
Претседателот на ССНМ информираше дека случајот е пријавен и до надлежниот трудов инспекторат и оти очекуваат позитивно решение во корист на вработените. Дополнително за синдикалните членови, Синдикатот обезбеди и правна помош.
Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ во своето обраќање истакна дека отпуштањето на група медиумски работници „под сомнителни околности од страна на менаџментот на Алфа негативно се одразува на повеќе нивоа“.
– Сакам да истакнам дека ЗНМ заедно со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, стои на располагање на медиумските работници преку правни механизми за да помогне во надминување на оваа состојбата. Предупредуваме дека ваквиот начин на групни отпуштања влијае негативно на целиот медиумски пазар, го обезвреднува трудот на новинарите и медиумските работници, создава несигурност во целиот сектор и затоа бараме од менаџментот на Телевизија Алфа да ја преиспита својата одлука, порача Чадиковски.
Тој истакна дека отпуштањето работници претставува тежок чин во секој сектор, но во медиумскиот има сериозно влијание поради кревкиот пазар и ниските плати, а дополнително влијае и на намалување на атрактивноста на професијата и во обесхрабрувањето на младите луѓе да се занимаваат со оваа професија.