Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници – ССНМ соопшти дека најостро го осудува насилното и примитивно однесување на членот на Управниот одбор на Кластерот за текстил Сашко Станоевски кон новинарот на Телевизијата Алсат – М Иле Петрески на прес-конференцијата во моментот кога тој постави легитимно новинарско прашање.
„За жал, повторно имавме можност да посведочиме на каков третман се изложени новинарските екипи кога поставуваат прашања до оние кои себеси се доживуваат или имаат третман на моќници. ССНМ потсетува дека прес-конференциите не се полигон за изживување и навреди кон новинарите и медиумските работници туку место од каде претставниците на Кластерот преку комуникација со новинариските екипи ѝ се обраќаат на јавноста. Оттаму, односот што членот на Управниот одбор на Кластерот за текстил Сашко Станоевски го демонстрираа кон колегата Петрески говори за нивниот однос и почитување на јавноста на која ѝ се обраќаат, како и за нивната неспособност да одговорат на легитимни прашања кои токму преку новинарите истата таа јавност би им ги поставила“, велат од ССНМ.
ССНМ апелира до колегите новинари да бидат будни во препознавањето на потребата за одбрана на професионалното достоинство секогаш кога се сведоци на вербален или физички напад на нивен колега и да покажат солидарност со бојкот и напуштање на прес-конференцијата.
„Медиумите и уредувачките политики се менуваат, но припадноста на професијата, довербата на јавноста и поддршка на колегите се константна вредност која мора да биде приоритет за новинарите и медиумските работници“, се додава во соопштението на ССНМ.