Сојузот на синдикати на Македонија го формираше главниот штрајкувачки одбор, а од исходот на средбата во понеделник во Владата, ќе зависат натамошните чекори на синдикатот.
– Штрајкувачкиот одбор во вторник по состанокот во Владата ќе утврди време и начин на изразување на работничкото незадоволство преку спроведување на штрајкот и разните облици за притисок и изразување на работничкото незадоволство, а во зависност од резултатот на преговорите, информира ССМ по денешниот состанок на Претседателството и Советот како највисоки тела.
Синдикатот бара веднаш да биде зголемена минималната плата на 18.000 денари во нето износ и таа да не биде пониска од 60 проценти од просечно исплатената месечна нето плата во последните три месеци, како и задолжително усогласување на сите останати плати во државата.
Дел од барањата на ССМ за кои во понеделник ќе се разговара со владините претставници се и потпишувањето на Опш колективен договор за јавниот сектор со кој ќе се врати регресот за годишен одмор познат како К-15.
Од ССМ денеска повторно ги повикаа пратениците да ги изгласаат измените на Законот што ССМ ги поднесе до пратениците со кои ќе се реализира зголемувањето на минималната плата.