Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) како неразумна ја оцени изјавата на министерот за финансии, Фатмир Бесими дека ако сега се зголемат платите на вработените во јавниот сектор ќе има импликации на инфлацијата.
-Оценката на министерот дека дијалогот во Економско-социјалниот совет (ЕСС) за зголемување на платите ќе потрае и дека побрзо ќе се утврди методологијата за плати во јавен сектор ( онаа против која се сите синдикати) со која ќе се стави ред во платите во јавниот сектор, ќе остане само негова пуста желба. До кога Владата ќе глуми социјален дијалог, до кога владините претставници ќе зборуваат едно на ЕСС, а друго по медиумите и дали некогаш ќе се засрамат за тоа што си ги зголемија платите за 78 отсто во најголемата инфлација, а со ништо не заслужија такво зголемување. Дали имаат барем трошка совест кога говорат дека ако се зголемат платите на работниците ќе се покачи инфлацијата додека над 1 100 функционери си ги полнат џебовите, велат од ССМ.
Додаваат дека нема друга држава во Европа и во светот во која функционерите си ги зголемиле нивните плати за 78 отсто, а единствено зголемување за работниците е само работното време и тоа за 78 отсто.