Претседателството и Советот на Сојузот на синдикати на Македонија како највисоки тела на синдикатот утре од 13:30 до 14:30 часот ќе ја блокираат улицата пред седиштето на Организацијата на работодавачи во центарот на Скопје во знак на незадоволство од нивниот предлог за методологијата на минималната плата.
Претседателот на ССМ Дарко Димовски вели дека за нив е неприфатлив предлогот на работодавачите според кој минималната плата би изнесувала 16.164 денари.
– Со она што го нудат минималната плата во нето износ би била 16.164 денари што за нас е неприфатливо во никој случај кога знаеме дека минималната синдикална кошничка изнесува 35.040 денари. Затоа утре по завршување на седницата на Советот на ССМ директно излегуваме со целото Претседателство на ССМ и сите штрајкувачки одбори на протест со блокирање на улицата пред седиштето на ОРМ и Стопанската комора на Македонија, изјави Димовски.
Нивна делегација ќе присуствува и на седницата на Економско-социјалниот совет закажана за 16 часот во Владата, а доколку не биде прифатено нивното барање за минимална плата од 18.000 денари и скалесто зголемување на сите останати плати, ќе излезат на генерален штрајк.
– Доколку во 16 часот не се прифатат барањата за минимална плата од 18 илјади денари и скалескт зголемување на сите плати, штрајкот ќе се роди пред овие две организации на работодавачи и во иднина ќе продолжи на нивна штета бидејќи нема да дозволиме штетата да ја трпи само работникот, истакна Димовски.
Вчера, на седницата на Економско-социјалниот совет не беше постигнат договор за зголемување на минималната плата. Консензус има дека минималната плата треба да се зголеми, но, не и за колку или на каков начин да се дојде до тоа.