Трговците се алчни, повторно се обидуваат да заработуваат на грбот на граѓаните. Владата треба да преземе поригорозни чекори, рече денеска претседателот на ССМ Слободан Трендафилов, коментирајќи ги ефектите од есенската кошничка.
Како што истакна Трендафилов, трговците го искористија периодот кога мерката за ограничување на маржите беше најавувана, па прво ги зголемија цените, за потоа, кога мерката стапи во сила, да ги намалат.
ССМ не очекува многу и од Законот за нефер трговски практики зашто, според Трендафилов, Инспекторатот кубури со луѓе и не може да исконтролира огромен број трговци.
– Вкупно 47 производи од синдикалната кошничка беа опфатени со есенската. За жал, трговците го искористија периодот кога мерката се најавуваше и ги зголемија цените па синдикалната кошничка во делот на храната и пијалаците за септември беше зголемена за околу 750 денари, а сега, за октомври, е намалена за 960 денари. Трговците беа алчни, на грбот на работниците повторно се обидуваат да заработуваат. Зголемените цени во септември само ги намалија во октомври и повторно останаа со истиот профит. Сметам дека Владата треба да преземе поригорозни чекори за да ги спречи ваквите појави. Чекаме да профункционира и ограничувањето на маржите со Законот за нефер трговски практики, но слаб е настапот на Инспекторатот, не зашто не сака, туку зашто има многу мал број луѓе за да исконтролира огромен број трговци – истакна претседателот на ССМ.
Тој напомена дека Владата треба да го вклучи ССМ во креирањето на новите мерки за ограничување на маржите.
– Две третини од тоа што Владата предвиде, е од минималната синдикална кошничка, а ние ја пресметуваме и најдобро знаеме што е потребно, нагласи Трендафилов.