ССМ се „заблагодарува“ на првомајската честитка на министерката за финансии Ангелова

by Fokus

Сојузот на синдикатите на Македонија и се „ЗАБЛАГОДАРУВА“ на министерката за финансии г-ѓа Нина Ангелова, што во целост ги поддржува и применува мерките од „газдите“ и допринесува  да се зголеми бројот на невработени во Република Северна Македонија, како честитка по повод претстојниот 1- ви Мај, Меѓународниот ден на трудот.

ССМ реагира на изјавите на Министерката за финансии по однос на давање можност на компаниите кои користат финансиска помош да можат да го намалат бројот на вработените како и за донесената Уредба со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од Коронавирусот COVID-19, заради исплата на платите за месеците арпил и мај 2020 година донесена на седница на Владата одржана на 28 април 2020 година.

Сојузот на синдикатите на Македонија ги потсетува Министерството за финансии и Владата дека давање на финансиска поддршка која на крајот на денот ќе се враќа од парите на работниците и преку даноците на граѓаните не смее да овозможува намалување на број на вработени односно Државата да го финансира отпуштањето на работниците под притисок на работодавачите.

Во овие моменти кои се исклучкително тешки за македонските работници, Владата ниту пак Министерството за финансии не смеат да носат Уреби по нарачка и притисок од работодавачите, коморите и сл., а се на штета и на грбот на работниците!!!

Овозможувањето на работодавачите со Државни пари да си поигруваат со  судбините на работниците и нивните семејства, мора веднаш да запре.

Од тие причини, Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, бара итна средба со министерката Ангелова, за надминување на оваа, за нас работниците, погубна Уредба.

Однапред нека ни е честит 1-ви Мај Меѓународниот ден на трудот.

 

Поврзани новости