ССМ: Одбиена жалбата на Митревски, неспорен е уписот на Димовски за претседател

by fokus

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска соопшти дека жалбата на поранешниот претседател на ССМ Живко Митревски за упис во Централниот регистар е одбиена како неоснована.

Со тоа, според ССМ, е ставен крај на обидите за манипулација на јавноста и на работниците и неспорен е уписот на сегашниот претседател Дарко Димовски.

Во соопштението, ССМ наведува дека за Синдикатот остануваат приоритет работничките права и во таа насока предлага четвртиот пакет мерки да биде насочен кон зачувување на работните места и ублажување на финансиските загуби на компаниите.

Од Владата се бара субвенционирањето на плата како мерка да продолжи онаму каде што производството е намалено над 30 проценти, но исплатата да оди директно на сметките на работниците, како и одложување на сите долгови во рок од шест месеци за оние семејства чии вкупни примања се помали од синдикалната потрошувачка кошничка.

На работниците кои досега користеа мерки како хронично болни, бремени жени, чување на дете до 10 години, да им биде исплатена цела плата, без намалување, а надоместокот на плата за отсуството од работа заради Ковид- 19, да изнесува 100 проценти од основицата утврдена со закон. ССМ предлага и Ковид – 19 да се внесе како професионална болест во Правилникот за листа на професионални болести.

Едно од барањата на синдикатот е синдикалното организирање во компаниите да биде услов компаниите да добијат финансиска помош.

Поврзани новости