Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска преку соопштение им укажува на работниците дека не е законски работодавачот да ги убедува дека за јануари 2021 година им се исплатила плата во висина на минималната плата.
Работниците, како што наведуваат, покрај работата со полн фонд на часови, биле дополнително ангажирани и за работа во празник (во јануари имаше неколку празници), работеле прекувремени часови (повеќе од 40 часа неделно или работеле шест работни дена, што исто така не е законски – место пет работни дена во неделата), имаат работен стаж (минат труд) повеќе од една година, работеле во смени, работеле ноќе и сл.
Од ССМ на работниците им укажуваат на нивното право, а на работодавачите на нивните обврски. Ги потсетуваат дека работникот има право на заработувачка – плата, согласно закон, колективен договор и договорот за вработување. Додатоците се определуваат за посебните услови при работа, кои произлегуваат од распоредот на работното време и тоа за работа во смени, работа во поделено работно време, ноќна работа, работа на дежурство, согласно закон, продолжена работа, работа во ден на неделен одмор, работа во празници определени со закон и додаток за работен стаж.
– Минимална плата е најнискиот месечен износ на основна плата која работодавачот е должен да му ја исплати на работникот за работа извршена за полно работно време. Платата е составена од основна плата, дел од плата за работна успешност и додатоци. Основната плата не може да биде пониска од минималната плата утврдена со закон, посочуваат од ССМ.
Оттаму потсетуваат дека основната плата на работникот се зголемува кога работникот работи во услови потешки од нормалните, за определено работно место, како и основната плата на работникот се зголемува по час најмалку за: 35 отсто за прекувремена работа, 35 отсто за работа ноќе, 5 отсто за работа во три смени, 50 отсто работа во ден на неделен одмор. За работа во денови на празници и неработни денови утврдени со закон, работникот има право на надомест на платата што му припаѓа кога во тие денови не работи и плата за поминатите часови на работа зголемена за 50 отсто, а додатоците, меѓусебно не се исклучуваат.
– Сите заедно, работниците, синдикатите и инспекциските служби мораме да придонесеме и да спречиме работникот да биде манипулиран, потценет и недоволно платен за својот труд. Бараме фер плати утврдени со колективно договарање, се вели во соопштението од Сојузот на синдикатите на Македонија.