Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Дарко Димовски најави радикализирање на штрајкот од септември, доколку Владата не ги исполни нивните барања, а тоа е со покачување на минималната плата за 18,4 проценти, да се усогласат сите останати плати.
-Согласно Законот за минимална плата и новата методологија, со порастот на минималната плата треба да се усогласат и сите останати плати. Значи, минималната плата се зголемила за 18,4 проценти и во тоа законско решение се вели дека во рок од шест месеци мора да се усогласат и останатите плати. Но, видовме дека тоа не се случи, рече Димовски во денешното гостување на ТВ Сител.
Тој посочи дека уште е во тек штрајкот во јавниот сектор, а радикализирање ќе има во септември, бидејќи според Владата, законот им овозможува до септември да ги усогласат платите.
-Како социјални партнери, на 1 мај последен пат остваривме средба со владини претставници, каде што ни беше ветено дека Владата ќе излезе во пресрет и ќе даде по 2.860 денари со ребалансот на буџетот. Видовме во ребалансот на Буџетот, министерот за финансии Бесими тоа го нема предвидено туку почнаа од ракав да се делат некакви покачувања. Затоа, ние од септември ќе радикализираме доколку не се случи ова покачување, рече Димовски.
Тој најави дека од септември ќе ги повикаат сите работници без разлика дали од приватниот или од јавниот сектор да излезат на улица.