Вработените во „Национални шуми“ излегоа на протест, бараат исплата на две заостанати плати и додатоците

by Fokus

Од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) ги предупредуваат менаџментот на ЈП „Национални шуми“ и Владата дека ако не им исплатат плата на вработените во јавното претпријатие ќе ги радикализираат протестите.

Како што велат, 30 подружници од цела држава се собраа пред ЈП „Национални шуми“ да го изразат своето незадоволство, бидејќи втор месец не зеле плата.

„Не се проблем само платите, туку и теренскиот додаток што не е исплатен, а се тераат луѓето да одат на работа. Во меѓувреме во претпријатието има штрајк, луѓето се на своите работни места и не ги извршуваат задачите, бидејќи се гневни на менаџментот, директорот и нивните раководители, како и на сите претставници од власта зашто сите земаат за 80 отсто зголемени плати, а тие втор месец не земаат. Веќе третиот месец тече и доколку денеска нема една исплатена плата повторно ќе немаат здравствен осигурување, изјави претседателот на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП) Иван Пешевски на денешниот протест пред дирекцијата на ЈП „Национални шуми“.

Ставот на менаџментот на јавното претпријатие е дека зимскиот период секогаш е тежок, па Пешевски праша доколку е тежок како можеле во тој период да набават нови возила и да потрошат милионски суми, а да не обезбедат плата за вработените.

Рече дека пред избори биле вработени 355 лица заради кои, како што рече, сите 1.800 вработени не може да земат плата.

„ Срамно е во 21. век да се молиме за плата за месеци кои луѓето ги изработиле. Ако се прашуваат некои или кажуваат дека има лопови во Национални шуми, јас од тука им кажувам дека лоповите се во дирекција и во фотелји, рече Пешевски.

Тој најави дека планираат во следните денови да го радикализираат протестот пред Влада и да го заокружат и 1 Мај како Меѓународен ден на трудот.

Поврзани новости