„Работниците се државата“ – со ова мото Сојузот на синдикатите на Македонија одлучи да организира протест за 1. мај – Меѓународниот ден на труд.
„Се обраќаме до нашите братски синдикати, до сите работници и граѓани, пензионери, стечајни работници, невработени и студенти на оваа држава, крајно време е да ни се придружат и да ни дадат поддршка, односно безрезервно да ни се приклучат во сите активности што на овој план ќе ги преземеме во наредниот период. Недозволиво е во Македонија функционерите да добијат 78 отсто покачување на платите, а работниците 0 проценти“ велат од ССМ.
Оттаму посочуваат дека е недозволиво вработените во јавниот сектор да немаат право на регрес за годишен одмор како нивните колеги и колешки во приватниот сектор.
„Недозволиво е да биде погазено работничкото достоинство и правото на пристојно работно време како цивилилзациска придобивка, со воведување на 60 часовна работна недела заради исполнување на желбите на газди, функционери и поединци“ – велат од ССМ.
Најавија дека протестот започнува на 1 мај 2023 година во 12:00 часот пред зградата на Сојузот на синдикатите на Македонија во Скопје.
„Борбата е заедничка на сите, излези со работниците денес, зошто утре ќе биде доцна! Да живее достоинството на трудот! Заедно сите“ – се наведува во соопштението од ССМ.