Денеска од зградата на Работничкиот дом, симболот на работничкото движење, местото каде што се донесени сите важни одлуки за работниците, местото каде што започнале сите штрајкови и протести, дојдовме пред Врховниот суд да им го завртиме грбот и да им покажеме жолт картон на оние судии што ја донесоа срамната пресуда за конфискација на Работничкиот дом, порача претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов.
Со знамиња во рацете и свирки, претставниците на различни синдикати го изразија незадоволството од судската одлука.
„Тројца судии сакаат да направат штета на целокупното работничко движење во Македонија, да го укинат Сојузот на синдикатите на Македонија, да го направат да молчи и да биде понизен. Не може на слободно судско убедување да одземаат имот кој работниците почнале да го градат во 1958 година врз основа на закон од 1998 година. Вакво чудо нема никаде во светот, суд со пресуда на работници кои двоеле од лебот, од синдикалната членарина и изградиле дом, да го одземаат и да го даваат на државата за да потоа државата да може да го раскрчми“, рече првиот синдикалец.
Синдикатот бара најдоцна до 1 мај Врховниот суд да ја преиначи пресудата. На 18 април е закажано рочиштето во Основниот суд, кој треба да го препрати барањето до Врховниот суд, кој треба да одлучува по него.