Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) доби поддршка од Меѓународната конфедерација на синдикати (ITUC) за каква било формална постапка што ќе смета дека е соодветно да ја покрене во однос на Работничкиот дом.
Во писмото упатено од генералниот секретар на Меѓународната конфедерација на синдикати Лук Триангл до претседателот Слободан Трендафилов е изразена загриженост во врска со одлуката на Врховниот суд за одземање на Работничкиот дом.
Во писмото, велат од ССМ, се нагласува дека според Комитетот за слобода на здружување (CFA) на Меѓународната организација на труд (МОТ), правото на соодветна заштита на имотот на синдикатите е една од оние граѓански слободи што се суштински за нормално остварување на правата на синдикатот и се посочува дека согласно превземени обврски од Конвенцијата бр. 87 за слобода на здружување и заштита на правата за организирање од 1948 година и Уставот на МОТ веднаш треба да се спречи преземањето на имотот на Синдикатот.
„Во овој поглед, ние нема да се двоумиме да поддржиме каква било формална постапка што Сојузот на Синдикати на Македонија (ССМ) ќе смета дека е соодветно да ја покрене – било во рамките на МОТ или пред други меѓународни тела“, велат од ССМ дека се нагласува во писмото од генералениот секретар на Меѓународната конфедерација на синдикати.
Во Меѓународната конфедерација на синдикати се обединети 340 сојузи на синдикати од 169 држави во светот кои заедно бројат 191 милиони работници.