ССМ бара работа на определено само до една година и породилно отсуство од 12 месеци

by Fokus

Договорите за работа на определено време да не траат подолго од една година, породилното отсуство да трае најмалку 12 месеци, Ковид-19 да се третира како професионално заболување и да се исплаќа цела плата, како и укинување на членот од законот кој овозможува работодавачот да ангажира работник да работи прекувремено три месеци, а за тоа да не му плати, се црвените линии од кои нема да отстапат од ССМ при донесувањето на новиот закон за работни односи.

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски, на прес-конференцијата по состанокот со министерката Шахпаска, рече дека на работната средба разговарале за спорните прашања за кои со работодавачите не успеале да постигнат договор, но оти имаат поддршка од МТСП.

-Бараме договорите за работа на определено време да не траат подолго од една година бидејќи по овој основ за време на ковид-пандемијата изгубивме речиси 70 отсто од работните места, а со тоа оставивме голем број работници без основна егзистенција. По истекот на една година бараме Агенцијата за вработување по автоматизам да го трансформира односот од неопределено во определено време, рече Димовски.

Тој вели дека ќе настојуваат Ковид-19 да се третира како професионална болест, па и во приватните фирми тие што ќе одат во изолација или самоизолација да добиваат 100 отсто од платата, а не 70 како да се на боледување.

– Во фундаменталниот Закон за работни односи бараме и да се изостави членот 117, став 2, кој овозможува работодавачот да ангажира работник три месеци прекувремено, а за тој период да не му биде платено. Знаеме дека таму стои дека работодавачот може при зголемен обем на работа да ангажира работници, па сите го прават тоа, посебно во приватниот сектор и сметам дека ова е нефер член во законот и бараме негово укинување, вели Димовски.

Поврзани новости