ССМ бара минимална плата од 18.000 денари од 1 јануари

by Fokus

Сојузот на синдикатите на Македонија денеска соопшти дека во рамките на активностите кои следат по одржаниот голем работнички протест, до Министерството за труд и социјална политика и Координаторите на пратеничките групи во Собранието доставил Предлог за донесување на Закон за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, со кој се предлага минималната плата во бруто износ започнувајќи од месец јануари 2022 година да изнесува 26.476,00 денари или во нето износ 18.000 денари.

Во предлогот е содржано и висината на минималната плата да не може да биде пониска од 60 отсто од просечната исплатена месечна нето-плата по вработен во последните три месеци, а објавена од Државен завод за статистика.

-Предлагаме и платите на сите работници да се усогласуваат со порастот на минималната плата согласно измените и дополнувањата на Законот за минимална плата кои сме ги предложиле, согласно Закон и колективен договор со што спирално ќе се зголемат платите на останатите работници, велат од ССМ.

Појаснуваат дека покачувањето на минималната плата од нејзиното воведување по предлог на ССМ, до денес немало негативен ефект врз фирмите и државата, не довело до отпуштање на работници, ниту до кратење на нивните плати, довело само до повисока продуктивност, поради поголемата мотивација на работниците.

-Минималната плата спречува работниците да добиваат многу ниска плата и да живеат во сиромаштија, а очекувањата на работниците од пратениците се да работат во интерес на оние кои што ги бираат, а Сојузот на синдикатите на Македонија ќе продолжи со подготовките преку штрајкувачките одбори и во зависност од резултатите и брзината на преговорите помеѓу ССМ, Собранието, работодавачите и Владата, а доколку нема резултат ССМ ќе повика на генерален штрајк кој ќе продолжи преку изразување на разни форми на изразување на работничкото незадоволство и синдикален притисок, се вели во соопштението.

Поврзани новости