М-НАВ, националниот давател на услуги за воздухопловна навигација, ги отфрла тврдењата на Синдикатот за спроведувањето на постапката за изборот на кандидатите за обука за контролори на летање и тврди дека процесот се одвива нормално, согласно акцискиот план, како и дека се очекува да биде завршен наскоро во предвидениот рок согласно сите национални и меѓународни стандарди.
Александар Тасевски, претседател на Струковиот синдикат на контролори за летање (ССКЛ), претходно изјави дека како синдикат и како професионалци нема да отстапат од намерата за целосно спроведување на конкурсот за контролори на летање во М-НАВ како што е по регулативата.
Тој потврди дека вчера до менаџментот на М-НАВ е доставено писмо со кое раководните лица од пониско ниво – помошници директори, раководители на сектори, главни инструктори, експерти, побарале да бидат разрешени, а како реакција на тоа што, како што вели, се уште не е почната обуката по завршената селекција на кандидатите за контролори на летање во М-НАВ, што ја поминале 12 од 250 пријавени апликанти.
Тасевски вели, оставките ќе се активираат само ако биде поништен огласот во кој според синдикатот, не се нашле децата на директорите и децата на членовите на ДУИ. Но додека нема избор на кадри, ќе мора да кратат од бараниот сообраќај на авиокомпаниите кои сакаат да ја прелетуваат Македонија или да слетуваат на скопскиот аеродром, бидејќи нема да можат да ги опслужат во толкав број, а поради недостаток на кадар.