Власта најбрутално сака да ја продаде АД Славија за 218.535 евра, а целата компанија „Славија“ има имоти и објекти вредни над 20 милиони евра, повторно денеска обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
-Без официјална процена, без ништо, Владата ја мести Славија за продажба на свои блиски луѓе топтан да го земaт целиот имот – додаде тој.
Тој посочи дека само управната зграда на Славија, заедно со придружните објекти, според процените од 2016 година, чини над 9 милиони евра.
-Станува збор за површина од речиси 40.000 квадратни метри земјиште, кое е во постапка за приватизацијата од државно да стане сопственост на Славија преку службата за имотно-правни односи. Со приватизацијата на земјиштето, дополнително би се зголемила вредноста на овој имот за уште неколку милиони евра – истакна Арсовски.
Тој истакна дека со продажбата на имотот на Славија долгот е намален долгот, кој според него, сега е меѓу 4-5 милиони евра.
Директорот на Агенцијата за управување со одземен имот Фатон Асани, пак, вчера рече дека фирмата навистина вредела 25 милиони евра во 2012 година, но оти владата на Никола Груевски од 2012 до 2017 година „тајно и на парче“ ги продала најубавите имоти на фирмата.
Денес, во однос на Славија се огласи и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој посочи дека се работи за „сериозен криминал во обид од страна на власта“.
„Можам да напоменам дека минатогодишните приходи се негде на ниво повеќе од 800-тини илјади евра. А, да не зборувам за други урбанистички планови кои што претпоставувам потенцијалниот купувач има намера да ги користи во делот на би рекол седиштето на ова друштво Славија – рече Мицкоски.