Срцето ми плачеше, но го оставив во дом оти не можевме да се прехраниме, вели мајката на Ислаил кој исчезна во Скопје

by fokus

Ислаил Алији е дванаесет-годишно момче од Гостивар, чија фотографија масовно се споделуваше на социјалните мрежи минатата недела, со апел дека се трага по него, бидејќи изчезнал.

-Три дена го нема, се бара било каква информација за момчето, беше наведено во апелот.

Од она кое беше познато, момчето било сместено во Дом за деца во Скопје, а по потекло било од Гостивар.

Што се случи со шестоодделенецот по кого се трагаше, ,,Фокус” дознава од разговор со неговата мајка Лејла Алији. Таа е 36-годишна жена која имала доста тежок живот како самохрана мајка, а сиромаштијата ја принудила да го остави Ислаил во дом.

-По три дена, моето дете беше пронајдено. Тој талкал целото време во Скопје, покрај Вардар, во близина на некој мост. Јас живеам во Гостивар, не го знам добро Скопје, па го кажувам она кое и мене ми баше кажано. Сега Ислаил е со мене – вели мајката.

Раскажува дека целиот живот со децата го минала живеејќи под кирија, без свој кров над главата. Срамежливо вели дека не е писмена, па затоа се снаоѓала за живот како што знае и умее, најчесто работејќи како чистачка.

-Пред девет месеци го дадов Ислаил во домот. Таму е и неговиот брат, мојот 16-годишен син. Тешко ни е на сите… Ќерките ми се мажени, имаат свои фамилии, но за синовите јас се грижев. А како да се грижиш за две деца, кои имаат свои потреби, храна, облека, книги, топол дом?
Добивам социјална помош која речиси целата оди на киријата, за се останато морам да се снајдам сама, со моите две раце, чистејќи каде што ќе ме повикаат. Да имав барем основни услови за децата, секако дека ќе беа покрај мене. Еве сега, откако се случи целата работа со Ислаил, тој е со мене, и ние сакаме да живееме заедно, како семејство, но тешко е – вели Лејла.

Појаснува дека не се плаши од работа, но тоа што не знае да чита и пишува секогаш претставувало проблем. Затоа замолува, доколку некоја општествено одговорна фирма од Гостивар бара работничка, и може да ја вработи и покрај тоа што нема образование, да ја контактира на телефонскиот број 077 840 992.

-Уморни сме од животот под кирија, без свој дом, постојано со селење, во неизвесност. Најсреќна би била јас, а и моите деца, доколку имаме свој кров над главата, да имаме било каква сигурност, да не живееме од ден за ден, прашувајќи се дали утре ќе има храна, дали ќе најдам некоја работа, за да донесам леб.
Би сакала децата да ми растат покрај мене, да бидеме заедно…
Кога исчезна син ми, тоа е нешто кое не се опишува, кошмар за секој родител. Како и секоја мајка, сакам да им пружам добар живот, да не се страдни за ништо. Ги замолувам сите хумани граѓани кои можат на било кој начин да ми помогнат, да ми се јават. Имаме потреба од речиси се, сиромаштијата ни е голема, но и покрај се,ние сакаме да живееме заедно, како секое семејство – раскажа мајката.

Сите кои сакаат да му помогнат на ова семејство, можат да ја контактираат Лејла на телефонскиот број 077 840 992.

Вики Клинчарова

Поврзани новости