Српските спасувачи: Надир е јунак на македонскиот народ, со раце копаше да се спаси Ирмак!

by Fokus

Тетовскиот алпинист Надир Мурсели од 9. февруари се наоѓа во Турција, каде замина сам да помогне на настраданите по минатонеделниот земјотрес од кој беше потресена и Сирија.

Тој се приклучите на тим за спасување на Република Српска, а членовите на овој тим имаат само пофални зборови за нашиот Мурсели.

„Надри е јунак на македонскиот народ. Заедно со нашиот УСАР тим од Република Српска учествуваше во извлекувањето на 10-годишната Ирмак од рушевините. На нас ни беше од голема поддршка“, вели Драгиша Вулетиќ од српскиот тим.

 

„Без Надир не би направиле ништо. Заслужен е што е спасено девојчето, со раце копаше во земјата. Заслужува голема почит, а ние стекнавме неверојатен пријател чија хуманост и жртва ги видовме на дело, кога е најтешко“, додава Жељко Јанковиќ од УСАР Република Српска.

Исто така, тимот од оваа земја излегол со убав предлог за Мурсели, кој вели дека со големо задоволство ќе го прифати.

„Утрово ме прашаа дали би одел со нив на интернационални спасувања. Секако дека би одел. Кога најмногу требав во оваа земја, тие ме зедоа со нив“, вели Мурсели за „Фокус“.

Засега не се знае уште колку време ќе остане тој во Турција, но претходно потенцираше дека тоа ќе го стори колку што е потребно за да бидат спасени повеќе човечки животи.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости