Српските опозициски пратеници наместо во собраниска сала, дадоа заклетва во холот

by Fokus

Пратениците на опозициска коалиција „Србија против насилство“ наместо во собраниската сала, дадоа заклетва во холот на Собранието за време на денешното конституирање.

Порачаа дека ќе ја продолжат борбата во парламентот, а дека првата победа ја извојуваа со тоа што толку брзо беше прогласен прекинот и толку брзо заврши конститутивната седница.

Мариника Тепиќ, пратеничка на ССП изјави дека во Собранието на Србија има силно полициско обезбедување, кое било ставено во служба на Гасиќ и Вучиќ и дека тие ги спречуваат пратениците да се движат низ Собранието.

„Се е како да сме во вонредна состојба, речиси во воена состојба“, рече Тепиќ и додаде дека ништо не се знае, ниту кога ќе продолжи седницата, ниту кој ќе биде претседател.

Мирослав Алексиќ додаде дека ќе направи се крадците кои ги украдоа изборите и ги узурпираа мандатите да бидат во затвор. Затоа, како што рече, ја донеле полицијата во парламентот.

„Што се однесува до нас, борбата ја продолжуваме овде во парламентот“, рече Алексиќ, а Радомир Лазовиќ додаде дека тоа што седницата веќе заврши е прва победа на опозицијата.

Тој додаде дека најбруталната кражба на избори се случила во Србија и затоа опозицијата бара да се поништат изборите.

Поврзани новости