Градоначалниците и советниците во четири општини на северот на Косово денеска и формално ги потврдија своите оставки.
Претпладнето во четирите општини се одржаа вонредни седници на кои градоначалниците на Лепосавиќ, Северна Митровица, Звечан и Зубин Поток формално поднесоа оставки од функцијата.
На седниците оставки поднесоа и претседателите на општинските собранија, како и советниците.
Со ова претставниците на четирите локални самоуправи на северот на Косово почнаа да ги спроведуваат одлуките и заклучоците што беа донесени на саботната седница на политичките и институционалните претставници на Србите на Косово.
За денеска напладне е најавен српски протест во северниот дел на Митровица.
Србите од Косово најавија дека бојкотот ќе трае додека Приштина не се откаже од пререгистрација на возилата и не се формира Заедница на српски општини.
Косовскиот претседател Вјоса Османи ги повика Србите да не ги напуштаат институциите, го обвини Белград дека стои зад потезите и го истакна уверувањето дека во соработка со меѓународните партнери ќе се обезбеди непречена работа на институциите и јавната безбедност.