Српски министер побара санкции за Русија, Москва со реакција

by fokus

Српскиот министер за економија Раде Баста е прв функционер од Белград што отворено кажа дека неговата земја треба да воведе санкции кон Русија.

Баста вчера се огласи преку социјалните мрежи барајќи Владата на Србија итно да се изјасни во врска со санкциите бидејќи, како што рече, последиците од невоведувањето санкции стануваат неподносливи.

-Нашата земја веќе плаќа висока цена што не воведува санкции кон Русија, а тоа станува неподносливо. Како министер за економија гледам колкав притисок се врши врз претседателот на Србија, Александар Вучиќ, а ние молчиме. Тоа не можам да го прифатам. Затоа јас сум за воведување санкции кон Русија, стојам покрај претседателот Вучиќ во одбрана на државните и националните интереси и имам апсолутна доверба во него. Затоа барам од српската влада и од сите министрите да се изјаснат по ова прашање, напиша Баста вчера на Инстаграм.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, реагираше на изјавата.

-Српскиот министер за економија, Раде Баста, има некое чудно размислување кога вели дека Србија треба да воведе санкции кон Русија, искоментира Захарова на Телеграм.

Портпаролката на руското МНР во реакцијата посочува дека Русија, за разлика од САД, секогаш ја почитувала Србија и нејзиниот народ.

-Очигледно е дека со воведување на санкции кон Русија, притисокот од САД на Србија нема да исчезне, туку само ќе се зголеми, вели Захарова.

Поврзани новости