Полицијата во Србија се уште трага по девојчето Моника Каримановиќ (12) и нејзиниот грабнувач Нинослав Јовановиќ (46), а во потрагата по селските области на истокот на Србија учествуваат околу 300 припадници на полицијата и Жандармеријата, со кучиња трагачи, беспилотни извидувачки летала и полициски хеликоптери.
Српските медиуми иформираат дека Јовановиќ, попознат како Малчанскиот бербер, виден бил во неделата во Шврљишки Миљковац и со него била 12-годишната Моника која ја киднапирал.
Како што пишуваат медиуми, тој и девојчето еден ден поминале во домот на мештанката Б.С.. Жената инаку не живее во таа куќа, па во полицијата дури завчера кога стигнала таму пријавила дека некој престојувал во нејзиниот дом.
Жената меѓу другото на масата затекнала леб и отворена тегла пиперки.
Покрај тоа уште еден мештанин од селото за полицијата рекол дека во неделата малчанскиот бербер од него барал шише вода затоа што му се расипал камионот. Тој рекол дека девојчето стоело на 10 метри од него.
Откако добил вода тој прашал каде е патот за Орашец, селото во кое се крие овие денови и каде во куќата на својот роднина го ишишал девојчето.
Потрагата по киднаперот и малата Моника трае 8 дена.
Нинослав е инаку осудуван за силување и педофилија, а се нарекува бербер затоа што своите жртви ги шиша пред да ги силува. Малата Моника е пријавена за исчезната од петокот, кога била киднапирана од Јовановиќ на патот за училиште.
Во потрагата со полицијата учествува и таткото на девојчето, Роберт Каримановиќ, кој кажа дека се надева на најдоброто, но дека стравот кај семејството е сѐ поголем бидејќи минало многу време.
Јовановиќ во 1996 првпат бил осуден на десет години затвор за силување девојка и девојче, а условно бил пуштен по девет години.
По излегувањето од затвор во 2006 извршил ново кривично дело, грабнал и силувал девојче од 12 години, а потоа грабнал уште едно девојче но тоа успеало да му избега. Тогаш бил осуден на 15 години, но минатото лето врховниот суд на Србија му ја намалил казната на 12 години.
Неколку дена по излегувањето повторно бил уапсен поради сексуално вознемирување на социјалните мрежи, а по пет месеци затвор во март годинава бил пуштен на слобода.
Случајот со грабнувањето на Моника Каримановиќ во српската јавност отвори дебата како е возможно злосторникот, три пати осудуван за силување и слични кривични дела, да бил без полициски надзор откако излегол од затвор и покрај тоа што граѓаните неколку пати предупредувале дека е опасен.
Српските медиуми пренесуваат дека родителите во селото Малча масовно ги стрижеле своите ќерки за да не го привлечат вниманието на Јовановиќ.