Српската и албанската мафија се први во Европа, Македонците остануваат обични курири и потрчковци!

by Фокус

Текстот е објавен на 19-ти август 2011-та во неделникот „Фокус“ во бројот 842

Пишувал
Саше ДИМОВСКИ

Секоја мафија има своја држава или секоја држава има своја мафија? Но, што да прават Македонците, ако не ги бидува да направат ниту мафија, ниту држава? Тогаш тие се вклучуваат во некоја од мафиите и најчесто се потрчковци, мулиња, курири или логистика!

Тоа е сликата за македонскиот „мафијаш” во 21 век, кој како член на српската или на бугарската, а понекогаш и на албанската мафија, заглавува по европските или во американските затвори, а нивните имиња ги пополнуваат полициските статистики и во регионов.

Обично летниот период изобилува со полициски акции, во кои балканските мафијаши, користејќи го метежот за време на одморите, се обидуваат да прошверцуваат дрога, оружје или луѓе. Неколку акции во последниве десетина дена, во различни делови од Европа, па и во САД, покажаа дека нашите комшиски мафии, во кои има и Македонци, едноставно – не мируваат! Во топ листата на 10 најголеми мафии во светот, што ја составија полициите и медиумите, има дури две мафии, наши непосредни соседи. Српската мафија се најде на осмото, а албанската на деветтото место на листата.

МАФИЈАШКА ТАБЕЛА

Лондонски Дејли њуз и шпански Диарио, со помош на полициска статистика, ја составија листата на десетте нај-мафии во светот, според која руската мафија е прва по контрола на територии, подрачја на криминал што ги покрива, но и по бројот на своите членови, 500.000.  Главен критериум за влез на оваа мафијашка листата е оперирање на територија на повеќе земји и борба за монопол над илегални активности, како трговија со дрога, оружје, луѓе.

Русите се први, бидејќи влијанието на нивната мафија расте со огромна брзина и се шири во речиси сите земји во светот. Мафијата контролира и 70 отсто од руското стопанство, но управува и со синџирот проституција во Макао и во Гуангху во Кина, со трговијата со наркотици во Узбекистан и во Таџикистан, со перењето пари на Кипар и во Израел.

Зад руската е италијанската мафија, која оперира во САД и во повеќе западноевропски земји. На третата позиција се најдоа колумбиските картели на дрога, четврти се кинеските Тријади, петти се јапонските јакузи, шеста е мексиканската мафија а седми се Израелците. Србите се осми поради нивната се поголема присутност во Германија, САД, Италија, Британија, Франција и во земјите на Скандинавија. Тие се интелигентните крадци, кои крадат според филмски сценарија и не оставаат траги зад себе.

При крајот на листата се најде и албанската мафија, која е многу активна во САД, во западноевропските земји, а многу брзо се шири на меѓународно ниво. И на крајот на опасната десетка, се најде криминалната група од Јамајка, на која главна активност и е трговијата со оружје, марихуана и кокаин. Топ листата ќе може да ја видите во прилог на овој текст, но сега да потсетиме накратко на неколкуте полициски акции што беа реализирани во периодов на летните одмори и каде што се гледа кој со кого соработува и кое подрачје го покрива

Еден Македонец и тројца Бугари беа уапсени во Благоевград, во акција на македонската и на бугарската полиција. Тие се дел од група која тргувала со дрога на територијата на Бугарија, Македонија, Турција, Грција и Западна Европа. Во акцијата бил уапсен и водачот на групата, Стојан Г., викан Кравата, човек кој се споменуваше како испорачувач на пратка од 6,5 килограми хероин, кои беа запленети во 2010 година кај струмичко Ново Село. Италијанската полиција, пак, во една од најголемите акции против трговијата со дрога во изминатите неколку години, уапси тројца Албанци и заплени 170 килограми хероин.

Во Сојузниот суд во Бруклин, САД беа покренати обвиненија против 37 членови на албанската мафијашка група, поради сомнение дека во САД прошверцувале огромно количество дрога, претежно од Мексико. Повеќето обвинети се уапсени во Њујорк, Њу Џерси, Колорадо и на Флорида. Групата ја сочинувале неколку поврзани албански семејства, кои изминатите десет години организирале повеќемилионска продажба на дрога.

Истрагата која траела четири години, открила дека Албанците прошверцувале десетици тони марихуана од Канада и Мексико во САД, криејќи ја во тракторски приколки. Дрогата потоа ја чувале во складишта во Бруклин, Квинс и Бронкс и ја дистрибуирале по њујоршките квартови и приградските населби. Албанските дилери продавале и кокаин, кој го криеле во тајни прегради на лимузини, кои американските продавачи на автомобили потоа го испорачувале во Албанија и во други европски земји.

Еден од водачите на организацијата, Ариф Курти, наречен Мечка, веќе отслужува затворска казна во Албанија за трговија со хероин, но истражителите  тврдат дека тој и од затворот и издава наредби на албанската мафија во САД. За таа цел користи мобилни телефони, нелегално внесени во затворот.

Косовската полиција деновиве уапси 19 лица во околината на Гњилање  под сомнение за трговија со луѓе и проституција. Меѓу уапсените има шест лица од Косово, додека во групата има 13 жени сите од српска националност. Сите овие акции покажуваат дека криминалците интензивно го користат периодов на зголемена фреквенција на патници и стоки по границите и на секој начин гледаат да прошверцуваат што можат повеќе, најмногу дрога а потоа и други луксузни или акцизни стоки.

Италијанската полиција во една од најголемите акции против трговијата со дрога во изминатите неколку години, уапси тројца Албанци и заплени 170 килограми хероин. Полицијата се сомнева дека оваа криминална група криумчарела хероин од Пакистан и од Авганистан, преку балканските земји, до Италија. Тројцата Албанци се уапсени во моментот дека го прочистувале хероинот.  Истрагата траела една година и изминатите месеци цариниците уапсиле уште четворица Албанци, кои се осомничени за криумчарење на дрога.

ПОМОШНИКОТ ШТО ЈА УБИ АЛБАНСКАТА МАФИЈА

Но, да се задржиме на операцијата во САД, каде што по четиригодишна истрага се уапсени 37 Албанци од мафијата која се најде на деветтото место на листата. Интересна е приказната за тоа како истражните органи дошле до податоците. Се раскажал еден потрчко, кој само за да биде во друштво на мафијашите, разнесувал дрога, им правел друштво на главните босови кога тие консумирале кокаин, па не биле свесни што прават, ги развезувал нивните девојки.

И така сѐ додека не му пукнал филмот, па украл кола од еден од мафијашите и избегал кај своето семејство, каде што бил и уапсен. Под наслов „Помошникот што ја уби албанската мафија”, американските медиуми пренесуваат дека човекот што ја предаде албанската мафија во САД е всушност само еден обичен потрчко од Тирана, кој се претворил  во полициски доушник по едно предозирање на неговиот шеф.

Во октомври треба да започне судењето на озлогласените браќа Албанци Бруно и Самир Красниќи, за кои се верува дека се лидери на голема криминална банда. Триесетгодишниот Неритан (Тани) Кочарели, кого го сметале за никој и ништо, всушност, стана многу значаен дел од една криминална приказна. Тани ја напуштил Албанија и се преселил во САД на 17-годишна возраст, откако неговото семејство било извлечено на имиграциска лотарија. Така добил и американско државјанство.

По две години учење во средно училиште, клупата ја заменил со кафулето Ларома Деи Кафе, каде се дружел со група Албанци. Во тоа друштво бил и насилниот Генитан Каса, кој им станал соработник на браќата Красниќи. Таму бил и Плаурент Дервишај, уште еден поранешен ортак на Красниќи, кој моментално е еден од најбараните криминалци на списокот на ФБИ. Овие „јаки” албански момци излегувале и во Рогнер кафе, каде редовни гости биле албанскиот нарко бос Кујтим Гонџи и главниот албанско-американски дилер Парид Ѓока. Вториот бил особено популарен во соседството, затоа што возел убави автомобили и носел скапа гардероба. И додека Ѓока сакал да биде како Гонџи, Тани сонувал да стане моќен како Ѓока. Никогаш не добивал пари за добро завршената работа.Награда му било само дружењето со Ѓока. Тоа го правел затоа што го познавал Гонџи, добро знаел што работи тој и се плашел да каже не.

Тани пренесувал дрога низ САД дваесеттина пати и секогаш се сретнувал со жена на која и давал пари, а таа нему дрога. Обично, носел суми од 50.000 долари, но еднаш купил наркотици и за 90.000 долари. Често се случувало да прима пратки и во Бронкс, тешки и по 20 килограми.  Според сведочењето на друг соработник на Красниќи, Алмир Рапо, Ѓока толку се збогатил што низ станот имал расфрлано кеш во вредност од 400.000 долари. Ѓока секогаш барал да има некој со него, посебно кога шмркал кокаин, а најчеста жртва бил Тани. За време на неодамнешните сведочења, Тани го опишал Ѓока како човек кој сака да наредува и не почитува никого. Шефот и другите членови на бандата редовно го малтретирале, го исмејувале и го казнувале за грешките. За својата работа на курир, само еднаш добил награда од 300 долари.

И ШВАЈЦАРИЈА НАВЛЕЧЕНА НА БАЛКАНЦИ

Додека бандата на Ѓока водела војна со ривалите, Тани трчал по нарачки, му ја земал облеката на шефот од хемиско чистење и ги развезувал неговите девојки. При извршување на една од задачите, Тани бил киднапиран од главните конкуренти, браќата Красниќи, кои побарале од него да им каже каде се крие Ѓока. Тани одбил да им каже, по што тие го однеле во еден стан, го тепале и му се заканувале со пиштоли.

Му рекле дека нема избор и дека мора да им јави веднаш штом дознае каде се наоѓа Ѓока. Откако го држеле 5 часа, го пуштиле, тој зел соба во еден мотел од каде што му се јавил на Ѓока, да дојде и да го собере. Таа ноќ Ѓока се предозирал со кокаин, па морале да го однесат во болница. Откако им го оставил на докторите, на Тани му пукнал филмот, ја зел колата на шефот и побегнал во Пенсилванија кај своето семејство. Но, за кратко време таму бил уапсен.

Во 2007-та година ги признал злоделата и се согласил да соработува со полицијата. Но, од некоја причина Тани не им признал на обвинителите дека бил вмешан и во трговија со кокаин. Кога властите дознале за тоа, повторно го уапсиле, го поништиле договорот за соработка и поднеле дополнителни обвиненија за лажење на владата и за трговија со дрога. Веднаш по ова, во полициската акција која следувала, биле уапсени Кујтим Гонџи и Парид Ѓока. Тоа бил само почеток на крајот за албанската мафија во САД, по која удрија сојузните полициски сили.

Но, не само во САД, момците од Балканот се на цена и за мафиите во Европа. До сега сите откриени групи шверцери на хероин во Швајцарија биле составени од Албанци или од граѓани на Косово, објави швајцарскиот весник Трибун де Женева, повикувајќи се на изјавата на заменикот главен обвинител на Женева, Ив Бертоса, кој рекол дека швајцарската полиција за последниве три години запленила над 150 килограми хероин.

Мафијата составена од Албанци и жители на Косово ја контролираат целата мрежа на шверц со хероин, од продажба на големо, до препродажба на улица. Таа криминална организација дел од приходите ги пере во женевската економија, во ресторани, барови, кабареа и недвижнини, рекол обвинителот Бертоса. Според неговите наоди, дрогата која ја има на швајцарските улици потекнува од Авганистан, а преку Пакистан, Иран и Турција, се упатува кон Балканот, за на крајот да заврши во Европа.

Апсењето на Албанци во САД, во Италија и на Косово многу ја раздвижи албанската мафија надвор од границите на Косово и на Албанија. Таа сега се обидува да регрутира нови членови блиски до нивните семејства, во кои имаат доверба, тврди советник во ЦИА во анализа посветена на балканските момци и нивното движење во САД и во Европа.

Албанската мафија е затворен систем, во кој не може да се инфилтрира било кој и затоа тешко и се открива, се тврди во анализата. Затоа, кога се откриваат, никогаш не се стигнува до босот, туку целата вина завршува врз курирот, кој бил фатен и откриен. Влезот во мафијата е можен само како во последниот случај, кога некој одвнатре ќе ја раскаже шемата.

Гледајќи колкави количини на дрога се запленети и колку чинат тие пратки на пазарот, може само да се погодува колкави суми вртат на годишно ниво од шверц на наркотици. Листата на најсилните мафии сигурно нема да даде точна бројка на парите што се вртат, но според показателите на кои е составена, редоследот е многу реален!

Топ-листа на десетте најмафии во светот
РУСИТЕ СЕ НАЈМОЌНИ И НАЈБРОЈНИ

1. Руска мафија: Денес брои околу 500.000 членови, нејзиното влијание вр-тоглаво расне и со енормна брзина се шири речиси во сите земји на светот. Се проценува дека денес овие мафијашки организации со кумови на чело. контролираат 60-70 отсто од руското стопанство.

Руската мафија управува со синџирот на проституција во Макао и Гуандхоу во Кина, со трговијата со дрога во Узбекистан и Таџикистан, со перење пари на Кипар и во Израел, со криумчарење на странци во Шведска, со перење пари, кражби на автомобил, криумчарење на нуклеарен материјал, трговија со оружје и проституција во Германија, перење пари во Белгија и Велика Британија, одбегнување плаќање на данок за гориво, кражби на автомобили и на накит, измами на полето на осигурувањето, организирани кражби по маркетите, платени убиства, шверц на оружје, производство на кристализиран кокаин во шишиња, перење пари и проституција во САД, како и кражби на автомобили и накит во Канада.

2. Италијанска мафија: Една од најпознатите во светот, чии корени се врзу-ваат за втората половина на 19 век, а потеклото е од Сицилија. Брои околу 4.000 членови, главно од десетина фамилии, но и со голем број надворешни соработници и важи за исклучително жилава организација, која и денеска делува во САД, Франција, Германија, Белгија, Холандија…

Членовите поминуваат низ обредот иницијација, што подразбира дека треба да се докажат извршувајќи убиство! Се финансираат од продажба и трговија со кокаин и хероин. Тесно соработуваат со Колумбијците. Познати се по огром-ното финансиско влијание и по обидите за подмитување на судии или политичари.

3. Колумбиски картели на дрога: Постојат од средината на шеесетите години, кога првите трговци почнале да продаваат дрога во мали количини на територијата на САД. Картелите Меделин и Кали набрзо станале водечки производители на кокаин во светот. За да го заузда картелот Меделин, кој сакал да ја освои и власта, колумбиската влада своевремено соработувала со картелот Кали, кој денес е најголема мафијашка организација во светот.

4. Кинески Тријади: Се проценува дека денес држат две третини од светскиот пазар на хероин, кој во најголем дел е наменет за продажба во САД. Се занимаваат и со трговија на илегални имигранти во Југоисточна Азија, Европа и САД, но и со кражби, платени убиства како и пиратерија и фалсификување на пари. Се верува дека имаат околу 30.000 членови од Кина, Малезија, Тајван, Сингапур.

5. Јапонски јакузи: Мафија позната под името Ја Сун, ѓубре, се смета за најбројна криминална организација во светот, која брои околу 110.000 активни членови од 2.500 јапонски фамилии. Јакузи настанале пред 300 години, но членовите и денес се препознаваат по кратко стрижените коси, тетоважи по целото тело и немањето мал прст на левата рака, кој после првиот прекршок се предава на таткото – шефот на мафијата. Работат тајно зад легалните паравани и главно ги контролираат проституцијата, игрите на среќа, порнографијата, илегалната миграција, дрогата, лихвата и перење пари. Нивниот годишен приход се проценува на повеќе од 71 милијарда долари.

6. Мексиканска мафија: Формирана е во затворите во САД од припадници на уличните банди и денес има околу 30.000 членови ширум САД. Ги контролираат каналите за шверц на  наркотици, оружје и проституција преку океанот. Но, најголемата заработувачка ја прибираат од организиран нелегален влез во Америка и пронаоѓање на работа за доселениците, за што тие треба да им плаќаат за заштитата.

7. Израелска мафија: Ја надгледува во многу земји проституцијата, трговијата со дрога, но и производството на дрога. Има монопол на извозот на хашиш и екстази во повеќе земји во Западна Европа, но и во САД. Иако некогаш важеле за криминалци со неискрвавени раце, кои проблемите ги решаваат со договор, денеска оваа група важи за немилосрдна, која не размис-лува два пати за ликвидација на противникот. Тесно соработуваат со руската мафија.

8. Српска мафија: Интензивно работи во повеќе од десет земји, вклучувајќи ги САД, Италија, Велика Британија, Франција, скандинавските земји… Вклучена е во разни активности од шверц на дрога, платени убиства, рекет, надзор во казина и коцкарници, до кражби. На листите на Интерпол се наоѓаат околу 350 српски државјани, а освен што важат за незаобиколни соработници на сите поголеми мафијашки босови во светот на нарко-рутите, познати се и како интелигентни крадци, чии кражби и грабежи имаат холивудски сценарија, но и по ликвидациите без траги!

9. Албанска мафија: Се состои од голем број криминални организации со бази во Албанија. Активни се и во САД, во западноевропските земји, а по 1980 година се шират и на меѓународно ниво. Во Велика Британија е означена како една од најопасните мафии. Меѓу нејзините припадници и натаму владее кодексот преземен од правото кое владеело во Албанија во 15 век! Активни се во трговија со дрога, трговија со луѓе, ја контролираат проституцијата, шверцуваат цигари и алкохол, крадат автомобили, рекетираат.

10. Јамајчани “Британски јардис”: Оваа криминална група била формирана во 1950 година, од имигранти од Јамајка, кои ги населувале сиромашните квартови во Велика Британија. Нивна главна цел е трговија со оружје, марихуана и кокаин. Групата е поделена во неколку банди и немаат централно раководство. Познати се по бруталното насилство и по пресметките со лондонската полиција.

Срби и Хрвати, главни мафијаши во Бразил
ВО САО ПАОЛО УАПСЕН СРБИН БАРАН СО ГОДИНИ ПО ПОТЕРНИЦИ

Дваесет и девет луѓе, меѓу кои 13 Срби и петмина Хрвати, кои испраќале наркотици за Европа и Јужна Африка преку Бразил, се уапсени и обвинети за меѓународна трговија со дрога  и можат да добијат затворска казна од 13 години. Мозокот на групата бил еден од петте најбарани криминалци во Србија, соопшти бразилската полицијата при неодамнешното нивно апсење.

Групата купувала дрога во јужноамериканските земји, како Боливија, а потоа ја испраќала со товарни и туристички бродови. Бандата вклучува 13 Срби, петмина Хрвати, седум Бразилци, тројца Јужноафриканци и едно лице со непознато потекло. Тие дејствувале во државите Сао Паоло, Еспириту, Баија и во Амазонас, соопшти тамошното обвинителство. По две години истрага, Федералната полиција конфискувала 620 килограми кокаин во вредност од два милиони реали (1,3 милиони долари). Криминалците се наоѓале на списокот на Интерпол за најбарани лица, потврди бразилското обвинителството.

“Хумани” мафијаши
МАФИЈАТА ГИ СПАСУВАЛА БАНКИТЕ СО ЦРНИ ПАРИ

Глобалниот економски систем во неодамнешната криза опстанал благодарение на готовите пари на организираниот криминал, тврди британски Гардијан. Водечките светски банки, на кои очајно им била потребна готовина, посегнале по парите на мафијата, па поголем дел од неверојатните 352 милијарди долари профит од трговијата со дрога, со текот на времето, е вклучен во глобалниот економски систем и на тој начин валканите пари биле испрани. Иако звучи неверојатно, весникот тврди дека уште кон крајот на минатата година тоа го признал шефот на агенцијата на Обединетите нации за борба против трговијата со дрога и организираниот криминал.

Огромен дел од глобалната економија, според некои проценки дури  една петина, отпаѓа на организираниот криминал – трговија со оружје, дрога и луѓе. Италијанските весници тврдат дека економски нестабилна положба во Италија за мафијата претставува олеснителна околност во врска со перењето на парите, кои се заработени на нелегален начин. Додека Италија го бележи својот економски пад од 5 отсто, мафијата го зацврстува својот раст. Се проценува дека мафијата за минатата година има остварено промет од 135 милијарди евра од тргување со дрога, луѓе и оружје. Не треба да се заборави ниту заработката од позајмици, изнуди, коцкарници, разбојништва и слично.

Постои реален ризик мафијата успешно да ги искористи неповолностите во кои се наоѓаат големи бизнис групи, кои се борат со ликвидноста. Мафијата тоа може да го искористи за влез на пазарот за хартии од вредност!

Поврзани новости