Три минути по полноќ, помеѓу осми и деветти септември 1991 година, по објавата на референдумските резултати, во Скопје на свет дојде Христијан Проданов, првороденото дете во независна Македонија, а неговото раѓање се случи во моментот додека земјата славеше со огромен огномет и се радуваше на новиот почеток.
Триесет години подоцна, за разлика од многу негови врсници кои заминаа во потрага по подобар живот надвор од земјава, тој се уште живее овде, во родното Скопје. За ,,Фокус” вели дека и покрај тоа што се уште смета дека кај нас се живее добро, се почесто се наоѓал во ситуација како размислува и планира заминување.
– Точно е дека многу луѓе кои ги познавам заминаа од Македонија со надеж за подобар живот и посветла иднина. Лично го почитувам нивниот избор, затоа што секогаш сакаме да го имаме најдоброто за себе, но од друга страна сметам дека самите треба да се залагаме за подобра животна средина и општо подобар живот. Се уште сметам добро се живее каде што сме, но се почесто се наоѓам во ситуација како размислувам и планирам заминување- вели Проданов, кој и е познат на јавноста по музичките настапи на кои им беше посветен во минатото, а пред три години дебитираше и на фестивалот за забавни мелодии Макфест.
Овој период, паузирал од музика, но тврди дека наскоро ќе се врати на сцената со нови дела.
-Музиката ја ставив малку во мирување, но имам план да се вратам со свои дела наскоро. Долго време работам како инженер за контрола на квалитет на софтвер, или познато како тестер. Верувам во тоа дека со чесна работа можеме да имаме добар живот во Македонија. Растен сум во семејство кое никогаш не скршнало од чесниот пат, и така планирам и да продолжам по мојот пат. Секако дека сметам дека има голем простор за подобрување на квалитетот на животот, и мислам дека сите го посакуваме и се стремиме кон тоа-вели Христијан.
За трите децении кои се зад него, зад врсникот со независна Македонија, вели дека како и земјава, имал успеси и падови, но и покрај се, среќен е што се родил овде.
-Јубилеен 30-ти, се уште не ми се верува дека стигнав до 30-ката. Многу работи се случиле во изминативе години. Подеми и падови, успеси и неуспеси. Секогаш имало и ќе има тешки моменти каде и да живееме, каде и да сме родени, но, луѓето кои се околу нас се тие кои помагаат да „испловиме“ на површина. Среќен сум секако, не жалам за нешто што го немам, и треба сите да се стремиме да го извлечеме максимумот од секоја ситуација во која што ќе се најдеме.
Сведоци сме на напредок во нашата земја, скоро во сите сфери на живеењето, не онаков каков што сите посакуваме. Постои некој минимален напредок во условите на живеење, реновирање и создавање нови улици, проширување на булевари, градење на велосипедски патеки. Но, тоа не е секогаш доволно.
Треба значително да се подобри квалитетот на услугите, како здравствени така и административни, и да се воведе ред во јавните институции, каде сите сме свесни дека е под нормалата. Сметам дека секогаш има простор за уште, и дека можеме да се издигнеме и да бидеме помеѓу најуспешните земји во светот-раскажува првороденото дете во независна Македонија, а сега веќе зрел маж.
Вели дека неговата мајка често му раскажувала за моментот на неговото раѓање, за плачот на бебето во моментот на огнометот, три минути по полноќ.
-Традиција е да се собереме целото семејство токму на полноќ, и да го гледаме видео прилогот од прогласување на независноста на Македонија. Емотивен момент за сите нас, кој им буди силни спомени од тоа време на моите родители –си спомнува.
На сите оние кои ја водат земјава веќе 30 години, би им порачал дека само со задоволни и среќни граѓани Македонија може да биде на врвот, а на прашањето дали според него, политичарите овие три децении добро си ја работат работата, одговара дека има и од едните, но и од другите.
-Навистина постојат луѓе кои се залагаат за Македонија и својата позиција во општеството ја користат за добри цели, но има и такви кои стигнале таму каде што стигнале, и единствена цел им е да го искористат „моментот“ за лични интереси. Но, мислам дека сите ние посакуваме мнозинство лидери на кои прва и најглавна цел ќе им биде Македонија и нејзиниот развој, а после се останато, затоа што само со задоволни и среќни граѓани, Македонија ќе биде на врвот-раскажа Проданов.
Вики Клинчарова