Среќен е овој град што те има, ми рече градоначалникот Делков!

by Fokus

Амбасадор на културата како тебе ретко се раѓа, Неготино е среќен град што те има, ми рече градоначалникот Тони Делков, кој се воодушеви од мојата идеја, да направам голем јубилеен концерт по повод 30 години на сцената, на градскиот плоштад во Неготино. Во ова тешко време за целото човештво, кога само слушаме лоши вести поради пандемијата, еден ваков настан ќе ги расположи луѓето и барем на кратко ќе им ги тргне мислите – за ,,Фокус” раскажува поп пејачот Ѓоко Ѓорчев, кој го најави јубилејниот настан за 21-ви септември, на верскиот празник Мала Богородица.

Појаснува дека му е чест што и градоначалникот на Неготино, Делков, застанал зад него и му ја дал поддршката.
-Од Неготино, од манифестацијата ,,Најдобар глас” си почнал, а си стигнал и до Црвениот плоштад во Москва, насекаде го промовираше градот со музика, ми рече градоначалникот. Ме радува тоа што од него слушнав само убави зборови, признание за мојата работа, со која го промовирав Неготино, но и Македонија, секаде каде што настапив во овие изминати 30 години. Треба да се цени своето, затоа и многу посветено сега се подготвувам за концертот, сакам да ја оправдам довербата, како од општината, така и од моите сограѓани – вели Ѓорчев, кој со децении наназад е познат како Том Џонс од Неготино, поради својата боја на глас, која потсетува на легендарниот музичар.

Раскажува дека за време на концертот, кој ќе се случува на градскиот плоштад ќе бидат запазени сите протоколи кои се актуелни поради пандемијата, но ветува и голем број на музички гости.

-Кристина Палија, Катерина Танева, група Интервали, Ирена Стевановска, тоа се само дел од музичките гости, но листата ќе биде подолга, уште се преговара со мои колеги кои ќе настапат пред публиката. Концертот ќе го придружува бендот на Филип Стевановски, ќе биде тоа една преубава вечер. Традиционално, со децении наназад, во тој период започнуваше познатата туристичко-стопанска манифестација, Неготинскиот панаѓур, кој сега е одложен поради пандемијата. Сега, кога нема панаѓур, барем со добра музика да го расположиме народот – вели музичарот.

Покрај Општина Неготино, покровители на настанот биле и неколку приватни фирми. Винаријата Бовин, Либерта, Ротари Клуб Неготино и други компании од градот го поддржале неговиот концерт.

-Освен колегата Перо Христов, не знам дали некој друг музичар од земјава направил јубилеен концерт на овие години. Јас имам 66 години, ама ниту за еден миг не запрев со музиката, на мојата публика константно и нудам нешто ново, нема пауза во мојата работа. И тоа е она кое ме води напред, кое прави да останам млад во душа, таа поврзаност со публиката, таа посветеност на музиката.

Затоа сум искрено трогнат кога гледам дека некој тоа го цени, целото мое вложување во секоја нота, во секој испеан стих. За сето ова време, имав можности да заминам од Неготино, но јас си останав во мојот град, и со гордост кажував од каде доаѓам, каде и да сум пеел низ светот. Ги канам на 21-ви септември сите оние кои ја сакаат мојата музика да дојдат на градскиот плоштад, заедно да пееме, и барем за кратко да заборавиме на секојдневните грижи – порача музичарот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости