ЈП Комуналец Битола врши замена на сезонски цветен расад, но жените на објавените фотографии не се вработени во претпријатието и тоа не смеат да го прават. Изгледа се многу храбри, или…
Вака за „Фокус“ вели директорот на ЈП Комуналец Битола, Панде Богоевски, по повод вчерашната случка која се најде на мета на јавни критики.
Имено, на социјалните мрежи беа објавени фотографии на кои неколку жени опремени со ќеси, вршат вандализам и ги крадат цветните садници од аранжманите низ градот.
И додека јавноста ја осуди дрската кражба, на социјалните мрежи се појавија коментари од битолчани, кои тврдеа дека наводно, жените биле вработени во ЈП Комуналец и само го расадувале, а не го краделе цвеќето.
-Случајот е пријавен во полиција, даден е налог да се постапи. Добро е тоа што не е многу оштетен системот за наводнување, а за штетата, ќе речам само дека цвеќето нема цена – вели директорот.
Додава дека и во минатото се случувале слични настани, но никогаш во ваков облик, сред бел ден.
-Само сите заедно ако се грижиме ќе можеме да имаме подобро и поубаво место за живеење, тоа е мојата порака и апел до граѓаните – изјави Богоевски.
Вики Клинчарова