Миењето раце со сапун и вода и употребата на средства за дезинфекција на рацете се неопходна мерка во заштитата во борбата против коронавирусот и сите вируси воопшто.
Употребата на средства за дезинфекција е прва помош доколку се нема пристап до вода и сапун.
Според одредбите на Американската администрација за храна и лекови од 2019 година, средства за дезинфекција се оние кои како активна состојка содржат етил-алкохол, изопропил-алкохол или бензалкониум хлорид.
Другите состојки не се покажаа ефикасни во уништувањето бактериите или нема доволно докази за тоа.
Клучна состојка кај повеќето од овие производи е алкохолот. Во хемиска смисла, алкохолот е органска молекула, составена од јаглерод, кислород и водород.
Етанол е хемикалија која се наоѓа во алкохолни пијалоци. Пропанол и изопропанол – изопропилен алкохол, исто така, се алкохоли и често се користат за дезинфекција, бидејќи тие се лесно растворливи во вода, како и етанолот.
Алкохолот ги уништува агенсите што предизвикуваат болести, т.е. патогени, на тој начин што ги разложува протеините, ја преполовува клетката или го нарушува нејзиниот метаболизам.
Растворите со само 30 проценти алкохол се во можност донекаде да ги уништат патогените. Содржината на алкохол што надминува 60 отсто е нешто поефикасна, уништувајќи широк спектар на бактерии и вируси. Како и да е, најефикасен раствор е оној кој содржи 90 до 95 проценти алкохол.
Но алкохолот не делува на одредени микроби. Меѓу нив е норовирус, кој може да предизвика дијареја, како и паразитот Cryptosporidium, кој предизвикува криптоспоридиоза, форма на цревна инфекција.
Средствата за дезинфекција, исто така, не отстрануваат штетни хемикалии како што се пестициди или тешки метали. Тие, исто така, не влијаат на многу валкани или мрсни раце, поради што користењето сапун и вода е покорисно.