Средства од базар на ракотворби од Неготино ќе бидат наменети за подигање на сообраќајната свест!

by Fokus

Општина Неготино ги откажа сите забавно-музички настани кои беа планирани да се одржат во градот за време на манифестацијата Свети Трифун, на 14-ти февруари, кога се одбележува денот на лозарите и винарите.

Поради трагедијата со младата дизајнерка Фросина Кулакова, која беше прегазена на пешачки премин во Скопје, од страна на лице без возачка дозвола, кое возело под дејство на алкохол со над 120 километри на час, на црвено светло, но и поради случајот со исчезнатиот млад неготинец Миле Тодоров, неготинскиот градоначалник д-р Горан Стојанов информира дека забавните активности се откажани, и празникот ќе биде одбележан скромно, без музичка програма, а средствата од базарот на ракотворби ќе биле наменети за подигање на сообраќајната свест.

-Имајќи ја предвид сензитивноста на моментот во кој се одвива секојдневието на Неготино и неговите граѓани, и пошироко во Македонија, Општина Неготино како организатор на манифестацијата ја информира јавноста дека се откажани сите предвидени забавно-музички активности во рамките на манифестацијата со која се одбележува празникот на лозарите и винарите Свети Трифун.

Според програма која ќе се одвива од среда, 12-ти февруари до петок, 14-ти февруари, кога на градскиот плоштад се одржува централниот настан, ќе се одржи натпревар во дегустација на вина и ракии на индивидуални производители, традиционалната изложба на Здружението на граѓани Стари занаети, доделување на награди на најдобрите производители на вина и ракии, доделување на награди по распишаниот ликовен и литературен конкурс во трите училишта од градот и базар на ракотворби кој ќе биде од солидарен карактер.

Собраните средства од базарот ќе бидат наменети за подигнување на сообраќајната свест на учесниците во сообраќајот, информира д-р Стојанов.

Младата Фросина од Неготино животот го изгуби во Скопје, но дивеењето со возила на улиците е актуелен проблем во целата земја, и граѓаните бараат да се стави крај на аздисаните возачи, бидејќи не се чувствуваат безбедни.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера беше во посета на полициските службеници кои учествуваат во засилените сообраќајни акциски контроли во Скопје и порача дека МВР ќе преземе голем број дејствија во рамки на надлежностите и ќе делува максимално активно и превентивно во дејствијата кои може да се преземат од нивна страна, за да се стави крај на сообраќајната некултура и прекршоците, поради кои само минатата година во земјава имало 142 жртви во сообраќајни несреќи во земјава.

Проблемот со дивеењето на улиците е актуелен и во Неготино, и со години наназад граѓани јавно апелираат за поставување на легнати полицајци на повеќе критични точки во градот, но исто така бараат и константно присуство на полициски службеници на улиците, посебно во ноќните часови за викендите.

Вики Клинчарова

Поврзани новости