Учебната 2023/2024 година за средношколците ќе заврши на 10 јуни наместо на 17 јуни како што беше претходно предвидено со календарот за организација на наставата. Ова е според новата одлука на Министерството за образование и наука, која следува по барање на Сојузот на средношколци,
За основците останува одредбата да учат до 17 јуни, а и едните и другите ќе имаат пролетен распуст од 29 април до 6 мај 2024.
Дополнително ќе треба да се утврди како ќе се надоместат двата неработни дена за учениците поради одржување на изборите во среда, 24 април, и во среда, 8 мај.
-Во Законот за основно образование се одредени точен број работни денови во основното образование. Во Законот за средно образование не е одредена таа законска обврска за точен број работни денови. Сите одлуки се донесуваат во консултација со тие што се засегнати. Сојузот на средношколци побара освен пролетниот распуст заради административните постапки на запишување на децата во високото образование, средното образование да заврши на 10 јуни, тоа го дозволуваше законот и ние тука постапивме, рече министерот за образование Јетон Шаќири на денешната прес-конференција.
Тој додаде дека Владата дополнително ќе го разгледа и прашањето за неработните денови заради изборите.
Учениците во основните и средните училишта ќе се враќаат на настава в понеделник.