Средношколците од Неготино нема повеќе да си носат греалки во училиште

by fokus

По повеќе од 25 години откако е изградена, гимназијата во Неготино добива нови прозорци. Работните активности во СОУ ,,Кирил и Методиј” се во тек, а старите прозорци се заменуваат со нови од ПВЦ материјал. Исто така, се работи и на поставување на соларни панели, односно систем на топлотна врска помеѓу училиштето и спортската сала во неговиот склоп.

Старите и дотраени прозорци во неготинската гимназија беа честа причина за негодување помеѓу учениците, но и родителите во градот со години наназад. Покрај тоа што училниците не можеа да се затоплат во зима, дел од прозорците буквално висеа над главите на учениците, излепени со леплива лента. Пред две години, за време на час имаше случка кога еден од излепените прозорци паднал, но за среќа немаше повредени ученици од немилиот настан.

Секоја зима учениците се жалеа поради ладните училници во кои влегуваше студениот воздух од нефункционалите прозорци. Во јануари 2017 година, во знак на револт поради ладните училници во кои се одржува настава, ученик од гимназијата однел мала електрична греалка и ја вклучил пред почетокот на часовите. Настанот се најде во медиумите, а на ученикот му се закануваше намалување на поведението, по што и останатите родители реагираа за време на вонредна родителска средба дека децата не треба да бидат казнети или заплашувани со казни поради тоа што порачале дека им е ладно.

-Греалката била само начин децата да го свртат вниманието на надлежните за да се реши проблемот. Треба ли да ги учиме да велат дека им е топло, кога не е така? Зошто тогаш во канцелариите на професорите има електрични греалки? – реагираше тогаш родителот на ученикот во разговор за ,,Фокус”.

-Ни ветуваат од општината секоја година нови прозорци, ама никако да ги сменат, јасно ни е дека со право реагираат родителите, но ние професорите не можеме ништо да сториме – ни изјави лани професор од гимназијата, по повод поплаките на родителите.

СОУ ,,Кирил и Методиј” во Неготино е единствената гимназија. Во септември учениците ќе ја започнат наставата со нови прозорци, а граѓаните се шегуваат дека повеќе нема да има потреба да си носат греалки од дома.

Останува да се реши прашањето со безбедноста на улицата преку која учениците минуваат за да стигнат до гимназијата, а која се наоѓа во индустриската зона на градот, односно да се постават лежечки полицајци или пак соларни светлечки маркери како предупредување за возачите, бидејќи во тој дел на градот најчесто се движат тешки товрани возила.

Цената на еден светлечки маркер изнесува околу 1.300 денари, а истите се опремени со фото волтаици и батерии кои дење сончевата светлина ја претвораат и акумулираат во електрична енергија, со која во ноќните часови се напојуваат трепкачките лед диоди.

Официјална информација од општината дали и кога премините пред гимназијата и двете основни училишта ќе добијат светлечки маркери или пак лежечки полицајци, само еден месец пред почетокот на учебната година – нема.

Вики Клинчарова

Поврзани новости