Сојузот на средношколци ја поздрави одлуката на Министерството за образование и наука и Владата учебната 2021/2022 да почне со физичко присуство и за средношколците, напоменувајќи дека и минатата година тие бараа комбинирано учење. Од Сојузот апелираат до сите средношколци да ги почитуваат протоколите кога училиштата ќе бидат отворени.
„Крајно време е образованието да биде ставено на пиедестал над останатите општествени активности. Колку што е важен квалитетот на образовниот процес, толку е важно и здравјето на средношколците. Затоа ги повикуваме сите средношколците да ги почитуваат здравствените протоколи како единствен и најдобар начин да се заштитат“, соопшти Сојузот.
Од таму додаваат дека на состанок со министерката за образование и наука Мила Царовска во средата дале предлози на утврдените протоколи за да се зголеми нивото на безбедност во училиштата, кои се однесуваат на редарската служба, дезинфекција на површини и предмети и изготвување на листа на сите површини кои треба редовно да бидат чистени.