Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите (ОДАС) денеска пред Министерството за образование и наука одржа протест, за што доби поддршка и од студентите. Средношколците бараат да се скрати материјалот предвиден за полагање на државната матура.
„Поминавме низ онлајн настава, дојави за бомби, поминавме низ штрајкови на професори кои што ги поддржавме и штрајкови на вработените на ЈСП што го отежна доаѓањето на учениците на училиште. Сето тоа ќе влијае на полагањето на државната матура, ние сме оштететна генерација“ рече Алисија Угриновска.
Предлогот за укинување на интерен предмет, како што велат, е само алтернатива, доколку не им биде прифатено главното барање за кратење на целиот материјал.
Студентите освен со поддршка за средношколците, излегоа и со свои барања.
„Целта на овој протест е немањето слух на владата за нашите проблеми. Бараме зголемување на субвенционираниот студентски оброк и почитување на роковите на исплата на оброкот и стипендиите, бараме подобрување на условите во студентските домови кои се катастрофални“ рече Теодора Наумовска.
Тие рекоа дека не се почитуваат роковите за исплата и дека стипендиите доцнеле шест месеци.