Околу 200 средношколци од скопската гимназија „Орце Николов“ повеќе од 10 часа останаа заглавени на граничниот премин Хоргош за влез во Унгарија, оставени без храна и со ограничена количина вода, објави порталот СДК.МК.
Учениците вчера напладне тргнале на екскурзија до Братислава и Прага со 4 автобуси, но откако за еден час ја минале границата за излез од Србија кај Суботица, тие од синоќа од 23 часот се заглавени во меѓуграничниот простор меѓу Србија и Унгарија, затоа што унгарските власти без објаснување не ги пропуштаа. Конечно, автобусите беа пропуштени околу 10 часот изутринава.
Граничниот премин Хоргош е и влез во Европската Унија и Шенген зоната.
Вознемирените родители бараат македонското Министерство за надворешни работи (МНР) да реагира за ова малтретирање на децата од унгарските гранични власти.
„Децата ни јавуваат дека унгарските гранични власти не им даваат никакво објаснување, никој не им одговара на прашањата, велат дека само поминуваат покрај нив и јадат. Децата се веќе прегладнети, а за секое користење на тоалетот им наплаќаат по едно евро“,
велат загрижените родители.
Тие велат дека ниту туристичката агенција и водичите кои го организираат патувањето немаат објаснување зошто е ова малтретирање на границата. Водичите им кажале дека досега оваа граница ја минувале по 4-5-часовно чекање, но овојпат е без преседан.
Граничниот премин Хоргош е озлогласен по лошиот третман на патниците кои оттука влегуваат во ЕУ и затоа поголемиот дел туристички агенции од Македонија на турите за Словачка и Чешка го избегнуваат и го земаат подолгиот пат преку Хрватска.