Средношколци од Кочани – првите македонски “европратеници” во Стразбур

by Fokus

Кога Македонија би станала членка на Европската Унија би имала шестмина пратеници во Европскиот парламент. Пред кој било политичар од земјава да го доживее тој сон, шанса за тоа добија група од 22-ца средношколци од Средно општинско училиште „Љупчо Сантов“ од Кочани.

Нивниот ментор, професорот Александар Михајлов, ги подготвувал за учество на годинешната „Еуроскола“ – програма на Европскиот парламент во Стразбур која на средношколци од земјите членки на Унијата им овозможува на еден ден да бидат во чевлите не европратениците.

„Еуроскола и Европскиот парламент во последен момент направија промена на правилата односно овозможија учество на земји што не се членки на Европската Унија, туку се кандидати, како Република Северна Македонија“ – вели Александар Михајлов – професор во СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани.

Се работи за симулација на работата на европратениците. Учениците добиваат неколку теми за кои парламентот веќе дебатирал или дебатата е во тек, како на пример, енергетската криза. Потоа добиваат задача да бидат за, против или воздржани иако тоа може да е спротивно на нивните лични ставови. Целта е да ги почувствуваат сите предности и недостатоци на одреден став.

„Професорот точно нè упатува на кој начин да размислуваме, ни дава метеријали од кои би можеле да учиме, на кој начин тоа да го искажеме, тој правен аспект во однос на темите и нешто повеќе во однос на нашите средношколски мислења што веќе ги имаме оформено. Меѓутоа, тој самиот ни кажува малку повеќе како тоа можеме да го надополниме“ – смета Снежана Трифунова – ученичка во СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани.

„Ова може да ни помогне да покажеме што мислат младите во Македонија, како размислуваат, што мислат тие, што се нивните идеи. Мислам дека ова е баш тој момент каде што можеме да го покажеме нашето знаење и нашето мислење можеме да го претставиме пред Европскиот парламент и пред многу други држави“ – вели Александар Јанев – ученик во СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани.

Според професорот Михајлов, овие млади луѓе имаат капацитет да покажат дека се подготвени земјава да ја приближат до Европската Унија.

„Нивниот успех и нивното соодветно претставување аргументи и ставови се надевам ќе даде до знаење и на самите одлучувачи, центри на моќ во Европската Унија, дека овде постојат квалитетни, млади генерации кои со сигурност ќе ги донесат тие идни реформи, а сè во насока да станеме што е можно поскоро членка на Европската Унија“, смета Михајлов.

 

Поврзани новости