Матуранти, организирани од Сојузот на средношколци, денеска не се вклучија во онлајн-наставата и го бојкотираа почетокот на второто полугодие од учебната година.
Тие бараат да полагаат два наместо четири (три екстерни и еден интернет предмет) од државната матура, додека МОН не предвидува измени во бројот на испити.
Претседателот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи, за МИА изјавил дека, според информациите од нивни ограноци, бојкот има во средни училишта во 20 града, вклучително и во Скопје.
-Како и на средбата што ја имавме во декември, министерката вчера рече дека тоа ќе се земе предвид за новата концепција за државна матура од идната учебна година и дека Државниот испитен центар нема време сега да ги намалува – рече Ходаи.
Во меѓувреме, организацијата „Средношколски глас“ собира онлајн-потписи за неполагање на државната матура, но Ходаи вели дека Сојузот не е за целосно укинување на матурата.