Средношколски сојуз: Иако националната платформа била бесплатно креирана, таа носи свои индиректни трошоци

by fokus

Претседателот на Средношколскиот сојуз, Бленди Ходаи во изјава за „Фокус“ вели дека во однос на цената на чинење на онлајн платформата за образование станало збор за ненамерна грешка во формулацијата и преводот. Вели дека иако платформата е бесплатна, сепак таа носи индиректни трошоци. Го посочува договорот за набавка на софтверски лиценци во вредност од 15,5 милиони евра.

-Станува збор за еден несреќен производ на јазична, односно грешка во превод. Да, националната платформа директно не чинела 15,5 милиони евра, но за жал настанала ненамерна грешка во формулацијата и преводот. Националната платформа е бесплатна, но Владата на Република Северна Македонија во август 2020 склучила довор за набавка на софтверски лиценци во вредност од 15,5 милиони евра. Како типови на лиценци, во договорот експлицитно е наведен Enrollment for Education Solutions (Campus) Agreement (EES). Во самиот наслов на оваа лиценца ги има зборовите „образовни решенија“. Дополнително, во договорот се спомнува и Microsoft, а сите знаеме дека ова е клучен дел од онлајн наставата. Договорот е достапен на електронскиот систем на Бирото за јавни набавки. Сојузот на средношколци никогаш не ширел ниту пак во иднина ќе шири лажни вести и дезинформации. Невозможно е за органиција која се бори за медиумска писменост во образованието да прави вакво нешто. Сепак се извинуваме на јавноста доколку сме придонеле до настанување на конфузија. Иако националната платформа била бесплатно креирана, таа носи свои индиректни трошоци, вели Ходаи.

Тој додава дека не треба да се заборават 40 илјади ученици без пристап до ИКТ опрема и интернет, ниту пак оние коишто ќе треба да набават нови компјутери по конфигурациите потребни за работа со платформата.

Откако денеска Сојузот на средношколци објави реакција во која стоеше дека за онлајн платформата, Министерството за образование платило 15,5 милиони евра, од МОН излегоа со демант во кој велат дека платформата е целосно бесплатно креирана во соработка со ФИНКИ.

К.С.

Поврзани новости