Откако на училиште добиле задача да направат проект кој треба да го направи светот подобро место, средношколката Медисон Ристевски од Австралија која е со македонско потекло од мариовските села, решила да се фокусира на Средното медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“ во Битола. За таа цел започна да собира пари за реновирање на тоалетите во училиштето преку страницата „GoFundMe“. За Сител објаснува дека се решила на ваков чекор откако минатата година додека била во посета на Битола и била вчудоневидена од условите.
-Разбирам дека сме ние многу благословени со нашиот живот во Австралија. Сакав нешто да направат подобро за училиштето и решив да им ги направам тоалетите барем малку овие ученици да имаат подобри услови да имаат подобра инспирација да учат, вели Медисон за Сител.
Првично требаше да се соберат 32.000 долари, но помошта почна да пристигнува од сите страни на светот. Сега целта е подигната на 40.000 долари.
-Пресметката беше 20.000 евра, но повеќе средства се собрани од што требаше. Сега ќе ги смениме и вратите. Сумата беше собрана од луѓе со гоелми срца, од многу различни националности и религии во Австралија, Кина, Филипини, Нов Зеланд, Филипини и Америка кои можеби не знаат каде е Битола. Теоретски собирање пари беше многу лесно, но во пракса се покажа дека е многу тешко. Оваа иницијатива ми покажа дека светот е прекрасно место исполнето со прекрасни луѓе, вели Медисон.
Инаку Медисон е ќерка на Џим Ристевски кој во битолскиот регион е познат со години наназад како хуманитарец кој помогнал на многу места, а токму неговата ќерка доследно ги следи неговите стапки.
-Од мала ме учи колку повеќе даваш, толку повеќе добиваш, вели Медисон.
Страницата GoFundMe во светот често се користи за собирање средства по различни основи и за различни цели. Коментарите на страната доаѓаат од сите страни и ја охрабруваат Медисон за нејзината цел и она што го прави, коментирајќи дека иднината зависи од луѓето како неа. Токму оваа средношколка покажа како светот може да се направи подобро место.