Среде сесија студентите останаа без легла

by Fokus

Резултатите за примени студенти во студентските домови во главниот град, уште ги нема, иако требаше да бидат објавени на 30 август, па многумина се жалат дека треба да патуваат до Скопје и да прават непланирани трошоци.

И оваа година студенти во земјава останаа без покрив над глава за време на испитна сесија. Резултатите за примени студенти во студентските домови низ главниот град, уште ги нема, иако требаше да бидат објавени на 30 август, па многумина се жалат дека треба да патуваат до Скопје и да прават непланирани трошоци. Тоа создава и грижи дали ќе стасаат на време, особено ако испитите се закажани во раните утрински часови, а немаат некој кој би ги згрижил за една ноќ.

Конкурсот беше објавен на 15 јули, а резултатите требаше да бидат објавени на 30 август.

– Резултати нема. Дали ова алудира на сериозна работа од страна на вработените во МОН? Конкурсот е завршен на 15 август (за втора година па нагоре). Од 15 до 30 август има точно 15 дена, или 2 недели и 1 ден. Односно 2 недели што може да се искористат за одмор и 1 ден кој можел да се искористи за изработка на една наједноставна excel табела каде би се подредиле студентите кои се примени. Сето тоа би можела дури и една личност да ја изработи за помалку од 6 часа. Помалку од 6 часа. Има студенти кои имаат испити. И кои мора да плаќаат пари за пат и да се измачуваат по пат, само поради тоа што очигледно го мрзело некого да среди еден список и да го објави на 30 август, во петок, таман погодно за викенд? Ова е сериозноста која сакаме да ја научиме ние студентите, идните вработени во било која област? Дека е во ред да доцниш? – пишува револтирана студентка на Фејсбук.

Плусинфо побара одговор од Министерството за образование и наука, зошто доцни објавата на списокот со примени студенти.

– Резултатите ќе бидат објавени до крајот на оваа недела – беше одговорот кој го добивме од МОН.

Поврзани новости