Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска имаше средба со амбасадорот на Република Косово, Иљбер Иса, на која се разговарало за досегашната соработка, како и за можноста за продлабочување и продолжување на успешните билатерални односи.
Премиерот Заев, како што соопшти владината прес-служба, порачал дека очекува скоро формирање на новата влада на Косово за да продолжи успешната приказна во соработката меѓу двете влади.
Еден од позначајните проекти, како што се наведува во соопштението, што дополнително ќе ја засили соработката помеѓу Македонија и Косово е изградбата на автопатот Скопје – Блаце, како и новиот граничен премин помеѓу Македонија и Косово, Белановце – Станчиќ, кој се очекува да биде отворен кон крајот на летото или почетокот на есента.