Премиерот на Албанија, Еди Рама им испрати покана за нова средба на партиите од албанскиот политички блок од Македонија во Тирана.
Претходната ваква средба одржана во 2017 година покрена многу дискусии, а декларацијата која произлезе од неа ВМРО-ДПМНЕ ја нарекуваше „Тиранска платформа“.
Различни се толкувањата за поводот за оваа средба која треба да се одржи утре. Министерот Бујар Османи смета дека станува збор за обична „новогодишна“ средба без некаква посебна агенда, туку присутните само ќе си посакаат успех во новата година.
Од БЕСА пак, сметаат дека Али Ахмети истата ќе ја злоупотреби во моменти кога има раскол во ДУИ и Огнената група излегува на терен.
Тие одбиваат да седат на иста маса со Ахмети и најавија дека доколку тој присуствува, тие нема да учествуваат на средбата.
Новинарот и познавач на состојбите во албанскиот политички блок, Дестан Јонузи за „Фокус“ вели дека овој став на БЕСА демонстрира политичка незрелост.
Сведоци сме дека Касами на многу средби свикани во минатото од Зоран Заев и други лидери седел на маса со Али Ахмети. Одбивањето што го прават за средбата во Тирана покажува дека тој сега ги избрал своите стратешки партнери и го следи нивниот политички курс, курсот на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, што на еден или на друг начин го кочи евроинтегративниот процес.
Затоа, јас сум на мислење дека Касами треба што поскоро да се освести и пред се, да ги има предвид стратешките определби на земјата, за да не биде опашка на оние сили кои имаат поинакви интереси, се со цел да не се доведе во прашање прозападниот курс на земјата, вели Јонузи.
Според него, секоја иницијатива насочена кон изнаоѓање решенија за проблемите кои се во интерес на граѓаните е добредојдена и корисна.
Јонузи смета дека во блокот на политичките партии на Албанците нема разлики за евроатлантскиот пат на државата, но некои партии, како што е случајот со Движењето БЕСА, уставните измени ги условуваат со предвремени парламентарни избори и затоа, средбата во Тирана е во духот на дијалогот и изнаоѓањето компромис на политичкиот блок на Албанците, за да не стане пречка во ниту една фаза од напредокот на земјата кон ЕУ.
Додава дека од оваа средба се очекува единствен став на политички блок на Албанците во однос на случувањата во земјата, а тоа се уставните измени и европскиот пат на државата.
Исто така, на оваа средба премиерот Рама ќе ги отвори темите за регионален развој и соработка, како и прашањето за иницијативата на Oтворен Балкан и договорите потпишани меѓу Владата на Северна Македонија и Албанија за инфраструктурни и други капитални проекти од заеднички интерес, вели Јонузи.
Поранешниот министер Џевдет Хајредини пак, смета дека нема потреба од никаква средба во Тирана, затоа што прозадпадната ориентација на сите Албанци во Македонија е јасна.
Прозападната ориентација е на сите Албанци на Македонија, без исклучок. За оваа цел, нема потреба од било каква средба во Тирана. ЕУ и САД постојано од двете држави бараат од политичката сцена да ги оддалечат корумпираните политичари, а не да се сликаат со Еди Рама во Тирана, смета Хајредини.
Агенцијата „Журнал“ јави дека Рама ги поканил лидерите на политичките партии на Албанците од земјава на неформална средба во вторник.
Поканети се лидерот на ДУИ Али Ахмети, на Алијансата за Албанците Арбен Таравари, на Движењето Беса, Билал Касами, на Алтернатива, Африм Гаши и лидерот на ДПА, Мендух Тачи.
Катерина Смилева Божиновска