Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека за време на посетата на Москва на шефот на европската дипломатија Жозеп Борел му рекол дека Брисел е виновен за уништување на односите меѓу Русија и ЕУ.
Во изјавата пренесена од ТАСС, Лавров вели дека за време на разговорот со Борел во Москва, тој зборувал за важноста на градењето на односите меѓу Русија и ЕУ на системска основа.
– Се сетив дека во 2014 година ЕУ ја уништи архитектурата на сеопфатни односи со нашата земја, која макотрпно се градеше со текот на годините, истакна рускиот министер.
Од друга страна, Борел, на својот блог синоќа ја сумираше посетата на Москва, откривајќи дека во одредени моменти разговорите со неговиот домаќин, шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, биле многу напнати и притоа оцени дека таа средба и некои пораки од руски официјални лица покажале дека Европа и Русија се оддалечуваат.
„Мојата средба со министерот Лавров и пораките испратени од руските власти за време на оваа посета потврдија дека Европа и Русија се оддалечуваат. Се чини, дека Русија постепено се одвојува од Европа и ги гледа демократските вредности како егзистенцијална закана”, напиша Борел на блогот, објавен на веб-страницата на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).
Посетата на Москва, на која најави дека ќе разговара за затегнатите односи меѓу ЕУ и Русија, Борел ја оцени како „многу комплицирана“.
Тој, исто така, посочи дека во фокусот на посетата и средбата со Лавров биле прашањата за основните човекови права и слободи, особено случајот со рускиот опозициски политичар Алексеј Навални.
„Од време на време, разговорот со мојот руски колега стануваше доста напнат затоа што барав итно и безусловно ослободување на Навални, како и целосна и непристрасна истрага за неговиот обид за атентат“, напиша Борел.