На љубопитноста што мислам за името „Нова Македонија“, доби инстант одговор, на кој и двајцата се изнасмеавме. Одговорив: ,,Тоа е име на весник“. Слушајќи ме, дојде до заклучок дека ако и двете страни останат на ваквите позиции, се отвора можност за одлагање на признавањето на Република Македонија.
Пишува: Денко МАЛЕСКИ
(Белешки од годините на независноста)
Средбата со заменик државниот секретар на САД, Лоренс Иглбергер, кој, по заминувањето на Џејмс Бејкер за шеф на изборниот штаб на Џорџ Буш, ќе стане и шеф на американската дипломатија, почна со мал „инцидент“. Срдечно се поздравивме како „стари познаници“, седнавме во некакви длабоки фотелји во холот на огромното конференциско здание лоцирано во заливот на Хелсинки.
Целиот бев во очекување на „пресудата“ на големата сила за нашето признавање. Почна со зборовите дека го добил моето барање за средба и си рекол себеси: „Shit, I have to tell him the truth“ („Лајненици, ќе морам да му ја кажам вистината“).
А вистината е дека наскоро ќе ги признаеме Словенија, Хрватска и Босна, но не и Македонија“. Поразен од оваа вест, која доаѓаше токму од Америка и од „нашиот“ Лоренс од Македонија, потскокнав и почнав гласно да протестирам. Со намера да ме смири, корпулентниот Иглбергер го крена бастунот на кој се потпираше и почна пријателски да ме удира по чевелот.
Се виде дека како човек жали за судбината на мојата држава и за мене лично, но како претставник на државата Америка, мораше да се однесува согласно „државната причина“ и да ги турне чувствата настрана. И почна опширно да ми објаснува.
ИРАЦИОНАЛНОТО ПРАШАЊЕ
САД, вели, сакаат да ги признаат сите четири републики, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Македонија во исто време, но тоа нема да се случи. Вели дека претседателот Буш се ангажирал околу решавањето на проблемот со името, пишувајќи му на Мицотакис писмо со барање тоа да се стори што побргу.
Замоли за разбирање за две работи: дека Грција ѝ е сојузник на Америка и дека Америка е во изборна година, што значи дека влијанието на грчкото лоби врз надворешната политика е засилено.
Вели дека нивната цел е да се надминат разликите и да се нормализираат односите меѓу Република Македонија и Република Грција. Ме информира дека разговарал со министерот за надворешни работи на Германија, Геншер, и заклучил дека ставот на Германија, во принцип, е дека Република Македонија треба да се признае, но дека имаат проблем со тоа.
Имено, создаден е политички проблем од страна на Грција, која „става сè на коцка“, мобилизирајќи го јавното мислење и опозицијата околу проблемот. Објаснува дена ниту ЕЗ, ниту САД сакаат да падне владата на Мицотакис, а што се однесува до нашиот проблем, не верува дека со Папандреу би се постигнало подобро решение.
Значи, вели тој, двете клучни работи се што САД се во изборна година, а Германија сака да го сочува единството на ЕЗ. Неговите сознанија се дека по признавањето на Словенија и на Хрватска, ЕЗ се подготвува да ја признае БиХ и во тој момент САД ќе ги признаат трите републики, но не и Македонија.
И покрај изречената „пресуда“, користејќи ја наклоноста и личните симпатии на соговорникот, почнав да ја објаснувам нашата позиција. Дека сме заробеници на едно крајно ирационално прашање, дека сме сториле сè на мирољубив и конструктивен начин да помогнеме во разрешувањето на југословенската криза, дека ги задоволивме критериумите поставени од самата ЕЗ…
Се разбира, ставив акцент на одлуката на Бадентеровата комисија, која во својот Извештај наведува дека сме ги исполниле условите за признавање, како и дека името „Република Македонија“ не значи постоење територијални претензии кон Грција.
Реков дека да се бара држава да го смени името е преседан во меѓународните односи, дека секој кажува како се вика, дека не се води грижа за повреда на нашиот идентитет, кој е во директна врска со името на државата…
Илустрирајќи го ова, го убедувам дека бришењето на зборот „Македонија“ од името на државата би значело бришење на нашите песни, нашата литература, нашите приказни, нашиот начин на размислување, нашата гордост…
НОВА МАКЕДОНИЈА Е ИМЕ НА ВЕСНИК!
Согласен да се впушти во ваков човечки разговор, Иглбергер ми се доверува дека за првпат во својата кариера се среќава „со ваква ирационалност, но дека таа ирационалност е реалност“. Ми вели дека, иако проблемот со името е „најгорливото прашање“, Грците приговараат и на Преамбулата на Уставот, на членот 49 и на други нешта…
На љубопитноста што мислам за името „Нова Македонија“, доби инстант одговор, на кој и двајцата се изнасмеавме. Одговорив: „Тоа е име на весник“. Слушајќи ме, дојде до заклучок дека, ако и двете страни останат на ваквите позиции, се отвора можност за одлагање на признавањето на Република Македонија.
Ми сугерира да соработувам со Пињеиро и „мирно да ја искористиме подготвеноста на ЕЗ да помогне, бидејќи постои голема разочараност во Заедницата од поведението на Грција“. Вели дека очекува наскоро Португалецот да предложи компромис, но никој не знае која „е долната граница до која е подготвена да оди Грција“.
Колку да ми олесни дека не сме сардисани од сите страни, вели: „Бугарија ни даде гаранции дека нема да се меша“. „Бугарија, продолжи, во голема мера зависи од САД во спроведувањето на реформите“.
На крајот од разговорот ми рече дека со претседателот Глигоров ќе нè викнат во Вашингтон по завршувањето на претседателските избори, кога ќе имаат одврзани раце да преземат нешто повеќе. Засега, препорача, да се држиме до ЕЗ, во очекување дека Геншер, до крајот на мај, почетокот на јуни, ќе каже нешто и за Македонија по што очекува одлука на ЕЗ за признавање на Македонија.
Здогледувајќи го Геншер како забрзано се движи низ конференцискиот хол, Иглбергер се наведнува кон мене и ми вели: „Ене го Геншер, оди зборувај со него…“. „Ќе се видиме, ќе се видиме…, станав и потрчав кон министерот за надворешни работи на Германија, Ханс Дитрих Геншер. Беше веќе поприлично одминат, но јас потрчав, решен да го „фатам“. Ќе го следев и зад вратата, која грубо ја тресна зад себе, да не ме спречи натписот: „Тоалет“.
ПОБЕДНИЦИ ИЛИ ПОРАЗЕНИ
Финските средства за информирање покажаа забележителен интерес за позицијата на Република Македонија, во врска со крвавите југословенски војни. Дадов интервју за најтиражниот фински весник „Хелсинки Саномат“, за финското радио на шведски јазик, за првата програма на финската телевизија.
Одржав и прес-конференција, на која новинарите се интересираа за нашите односи со соседите, за начините да се разреши југословенската криза, за положбата на малцинствата… Објаснував дека заради начелото на консензус, не сме членка на КЕБС.
Ме прашуваат како ќе се справи македонското општество со предизвиците на независноста. Одговарам дека целото општество мора да работи за независноста. Демократијата, велам, не е само одговорна власт, туку и одговорен поединец. Кој ќе победи во спорот со Грција?
Не се потребни победници и поразени во овој спор со Грција, велам. Нам не ни е во интерес непријателска држава на нашите граници, ниту, пак, на Грците. Верувам дека никому не му е во интерес во овој процес некој да биде понижен, подвлекувам. За сите мои соговорници во Финска, грчкото барање за промена на името е нерационално, но и дека Балканот е полн со ирационалности.
„Лирџетот“ на македонската влада ме чекаше на аеродромот. Во меморијата ми се врежало дека не можевме да полетаме поради замрзнатите крила, па авиончето мораше да помине низ подолга процедура на стопување на мразот.
Снег и мраз на крајот од март, се прашувам гледајќи ги белешките на кои ги запишувам настаните. Па, само малку погоре од Хелсинки е Лапонија, татковината на Дедо Мраз, е мисла што ме развеселува. Крилата се одмрзнати. Полетуваме за Скопје. Бележам и ги средувам впечатоците… Размислувам и како може да ни помогне „нашиот“ човек од Вашингтон… Лоренс од Македонија.
(Продолжува)