Средба со британскиот министер Даглас Херд во седиштето на НАТО

by Фокус

Јас, потполно сам, Херд опкружен со неколку соработници со отворени нотеси. Сакаа да ги слушнат моите мислења за војните во Југославија, но тоа што најмногу ме изненади беа прашањата за тоа кои сме, всушност, ние во Македонија. „На пример, ако со автомобил излезете од главниот град “, почнуваше едно прашање, „сретнете селанец на нивата и го прашате кој си ти, што ќе одговори?“. До ден денес не ми е јасно дали ова беа „трик прашања“ за да ме проценат мене или навистина стануваше збор за незнаење.

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

(Белешки од годините на независноста)

Роден во 1930 година, Даглас Херд бил министер за внатрешни работи меѓу 1985-89 и министер за надворешни работи од 1989 до 1995 година. Потекнува од политичко семејство – татко му и дедо му биле конзервативни пратеници. Школуван е на „Итон“ и „Кембриџ“, каде што, разбирам, бил претседател на студентскиот сојуз.

По дипломирањето влегува во дипломатската служба, а 1970 станува политички секретар на конзервативниот премиер Едвард Хит. Во 1974 година е избран за пратеник. Во владата на Маргарет Тачер извршува бројни функции, а во 1985 година станува министер за внатрешни работи.

Својата амбиција ја остварува кога во 1989 станува министер за надворешни работи на Велика Британија. Велат дека, како министер, бил свесен дека, иако Велика Британија е средно-моќна земја, таа може да „боксува во повисока категорија“.

Херд гради мостови со ЕУ, се спротивставува на апартхејдот во Јужна Африка и го поддржува обединувањето на Германија. Учествува во преговорите за договорот од Маастрихт од декември 1991 година, а се смета дека играл клучна улога во попречувањето Британија и ЕУ воено да интервенираат во конфликтот во Југославија.

Се повлекува од министерското место во 1995 година, а потоа се пензионира од позицијата пратеник. Писател е на бројни политички трилери, како и на уважувани политички мемоари. Од кралицата Елизабета е именуван за барон Херд од Вествел, што му овозможува доживотно да остане во британскиот Парламент како член на Домот на лордовите.

ТРИК-ПРАШАЊЕ

Со Херд се запознав во јануари 1992 година, кога го придружував претседателот Глигоров на разговори во Форин офисот. Следната средба беше наскоро потоа во седиштето на НАТО. На една од сесиите на Конференцијата за Југославија во Брисел, ме извикаа во холот заради повик од министерот Херд. Добив покана за средба во седиштето на НАТО следниот ден.

На враќање во конференциската сала го информирав претседателот, кој попладнето заминуваше за Скопје. Утредента, на 10 март 1992 година, повикав такси да ме однесе на бараната дестинација.

По грешка, таксистот ме остави на другата страна од кружниот тек пред седиштето на НАТО, така што морав со трчање да ја префрлам улицата.

Застанат пред портирницата на оградениот комплекс, ми требаше малку време да го убедам службеното лица зад стаклото дека сум министер за надворешни работи поканет на средба со британскиот министер Херд.

Некако се разбравме. Ме воведоа во комплексот и средбата почна. Јас потполно сам, Херд опкружен со неколку соработници со отворени нотеси. Сакаа да ги слушнат моите мислења за војните во Југославија, но тоа што најмногу ме изненади беа прашањата за тоа кои сме, всушност, ние во Македонија.

„На пример, ако со автомобил излезете од главниот град“, почнуваше едно прашање, „сретнете селанец на нивата и го прашате кој си ти, што ќе одговори?“.

До ден денес не ми е јасно дали ова беа „трик-прашања“ за да ме проценат мене или навистина стануваше збор за незнаење. Најверојатно беше второто.

Имено, цела плејада современи европски политичари знаеjа за Југославија, но не и за нејзината комплексна содржина што се распаѓаше пред нивните очи.

Како и да е, јас ги впрегнав сите свои интелектуални потенцијали да објаснам кои сме и што сме, колку сме , токму сме… Верувам дека точно и искрено ја објаснив сложената етничка композиција на Македонија и положбата на титуларниот народ, македонскиот.

Херд зборува за меѓудржавен договор меѓу Р. Македонија и Р. Грција сличен на тој што го потпишаа Германија и Полска и прашува дали би се согласиле на тоа.

Помислив дека тој очигледно знае нешто за нашата иницијатива, но и дека со смената на претседателствата со ЕЗ, претседавачите почнуваат еден нов процес на учење.

Оттаму и повторувањето на политичките чекори, кои, мислев, сме ги изоделе. Му одговарам дека Парламентот ќе се согласи, иако „сметам дека уставната одредба значи повеќе“.

ПРИЗНАВАЊЕТО НЕ Е МАГИЈА

Одново ја изложувам целата наша ситуација. Во разговорот Херд главно поставува прашања и слуша, додека соработниците ревносно го запишуваат. Разговорот се води на англиски така што тече непрекинато.

Меѓу соработниците е и Џереми Гринсток, идниот амбасадор во ОН, кој, исто така, не седи со скрстени раце – и тој запишува. Во разговорот, укажувам и на фактот дека треба да се имаат предвид правата на малцинствата во Грција.

Велам, и Грција не е „етнички чиста“ територија. Има Македонци, Турци, Роми, Власи… Сето тоа ќе се појави на површина со примената на европските норми за човековите права.

Прашувам, дали не треба и тоа да најде место во меѓудржавниот договор или, ако тоа не е вообичаено, во некаква декларација за правата на малцинствата во Грција.

Зборувајќи за спорот, Херд предупредува дека Грција може бескрајно да го одложува признавањето. „Се надевам дека не чекавте долго“, вели. Му одговарам дека за нас секој ден е долг и му ги објаснувам последиците од непризнавањето.

За меѓународните последици, му велам дека границите не се заштитени и предупредувам на можните калкулации на соседните држави што не нѐ признаваат.

За внатрешните последици велам дека фактот што проблемот на признавањето никако не можеме да го затвориме не оневозможува енергијата да ја насочиме кон најважното – транзиција кон демократија и пазарна економија.

Во белешките сум забележал и вакви цртички.

– Херд: „Грците знаат за нашите симпатии кон вас.“

– Херд: „Признавањето не е магија. Во тоа се увери Туѓман и сите во Хрватска, кои од тоа направија првокласен проблем… Признавањето е нешто што се подразбира, а проблемите не исчезнуваат со самиот чин…“.

– Одговарам: „Признавањето ни е потребно за да го ставиме тој проблем на страна и да се вратиме на тоа што е главното, на почетокот кој како да го заборавивме – транзиција кон демократија и кон пазарна економија. На тој пат ни е потребна европска помош бидејќи самите не можеме да ги оствариме бргу“.

– Херд: „Се согласувам“.

(Продолжува)

Поврзани новости